Бахреин: „Врските со Израел ќе ги заштитат нашите интереси“
„Договорот за воспоставување дипломатски односи со Израел е во рамките на заштитата на повисоките интереси на Кралството Бахреин, што значи заштита на ентитетот на државата“, вели Ал Калифа

МАНАМА
Бахреинскиот министер за внатрешни работи, Рашид бин Абдула ал Калифа, истакна дека нормализацијата на односите со Израел ќе ги заштити интересите на неговата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Договорот за воспоставување дипломатски односи со Израел е во рамките на заштитата на повисоките интереси на Кралството Бахреин, што значи заштита на ентитетот на државата“, вели Ал Калифа во изјавата објавена на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
„Компатибилноста на нашите чекори со братските [Обединети Арапски] Емирати не е изненадна, туку ја потврдува длабочината на тесните историски врски меѓу двете братски земји“, рече тој.
„Кралството Бахреин од почетокот на палестинско-израелскиот конфликт беше во одбрана на палестинската кауза и овој став е недвосмислен, оваа декларација [нормализирањето] не е во спротивност со ставот на Бахреин во врска со Арапската мировна иницијатива и одлуките за меѓународен легитимитет.“
Објавувањето на договорот за нормализација на односите на Бахреин со Израел во петокот доаѓа околу еден месец откако ОАЕ објавија сличен договор на 13 август.
Бахреин стана четвртата арапска земја што воспостави дипломатски односи со Израел по Египет во 1979 година, Јордан во 1994 година и ОАЕ во август оваа година.
Договорите за нормализација на односите со Израел повлекоа голема осуда од Палестинците, кои нагласија дека ваквите договори не одат во корист на палестинската кауза и ги игнорираат нивните права.
Палестинските власти соопштија дека секој договор склучен со Израел треба да се заснова на Арапската мировна иницијатива од 2002 година врз принципот „земја за мир“, а не „мир за мир“, како што сака Израел.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.