Абас Арагчи: Иранскиот политички систем е „силен“ и покрај убивањето на официјалните лица
„Не знам зошто Американците и Израелците сè уште не ја разбрале оваа точка: Исламска Република Иран има силна политичка структура со воспоставени политички, економски и социјални институции“
ИСТАНБУЛ (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека политичкиот систем на земјата останува силен и покрај убивањето на високи официјални претставници во американско-израелските напади, инсистирајќи на тоа дека таквите акции нема да ја ослабат државната структура, пренесува Анадолу.
Арагчи во интервјуто за „Ал Џезира“ нагласи дека Исламска Република Иран поседува цврст политички систем.
„Не знам зошто Американците и Израелците сè уште не ја разбрале оваа точка: Исламска Република Иран има силна политичка структура со воспоставени политички, економски и социјални институции“, рече тој.
„Присуството или отсуството на ниту еден поединец не влијае врз оваа структура“, додаде шефот на иранската дипломатија.
Арагчи призна дека поединци може да играат важни улоги, но потенцираше дека силата на системот не зависи од која било поединечна фигура.
Секако, поединците се влијателни и секој ја игра својата улога – некој подобро, некој полошо. Но она што е важно е дека политичкиот систем во Иран е многу цврста структура“, истакна тој.
Неговите изјави дојдоа откако Иран вчера потврди дека Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност, е убиен во израелски напад.
Во соопштението, Врховниот совет за национална безбедност на Иран наведе дека Лариџани бил убиен во нападот заедно со синот, помошникот Реза Бајат и неколку придружници.
Израелската армија претходно соопшти дека го ликвидирала Лариџани во воздушен напад во близина на Техеран во текот на ноќта во понеделникот.
Израел и САД ја продолжуваат заедничката офанзива во Иран што започна на 28 февруари, при што досега загинаа околу 1.300 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив, каде што се наоѓаат американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.
