политика

Муцунски: Фокус на учеството во Давос беа економијата, трговијата и инвестициите

„Нашиот фокус како владина делегација беше јасен – економија, трговија, бизнис и инвестиции. Остваривме повеќе значајни средби за кои очекуваме да донесат конкретни придобивки за нашите граѓани“

Elena Trenchevska Chekovic  | 27.01.2026 - Обновена : 27.01.2026
Муцунски: Фокус на учеството во Давос беа економијата, трговијата и инвестициите

СКОПЈЕ (АА) – Фокус на учеството во Давос беа економијата, трговијата и инвестициите, активно комунициравме со компании што можат да ја развиваат домашната економија, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија (РСМ), Тимчо Муцунски, пренесува Анадолу.

Владина делегација, предводена од претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски, учествуваше на Светскиот економски форум во Давос, најголем глобален настан за директна комуникација помеѓу владите и бизнис-заедницата, како и за меѓусебно поврзување на компаниите.

Министерството соопшти дека министерот Муцунски, во телевизиско гостување, во врска со форумот посочил дека тој е конципиран како клучна платформа за дискусии за трговијата, економијата и енергетиката, како и за следење на најновите глобални трендови, но и за остварување непосредни контакти меѓу владите и деловната заедница.

„Нашиот фокус како владина делегација беше јасен – економија, трговија, бизнис и инвестиции. Остваривме повеќе значајни средби за кои очекуваме да донесат конкретни придобивки за нашите граѓани“, истакна Муцунски.

Тој додаде дека учеството во Давос било насочено кон следење на глобалните економски текови и активна комуникација со компании што можат да придонесат за развојот на домашната економија, додавајќи дека во наредниот период се очекуваат конкретни резултати од воспоставените контакти.

Најави дека владина делегација, повторно предводена од премиерот Мицкоски, ќе учествува и на Политичко-безбедносниот форум во Минхен, каде што фокусот ќе биде ставен на прашања од областа на политиката и безбедноста, со приоритет на средби со релевантни меѓународни партнери.

„Светскиот економски форум во Давос има јасна цел и карактер. Нашиот ангажман таму беше целосно во функција на економските интереси на државата и отворање нови можности за бизнис и инвестиции“, нагласи Муцунски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.