политика, Балкан

Македонско МНР: Со лет од Дубаи ќе се евакуираат 125 македонски државјани од вкупно 150 лица

„Во моментов во Обединетите Арапски Емирати остануваат околу 200 македонски државјани што првично се пријавиле за евакуација, но, според нивните изјави, во овој момент не изразуваат подготвеност да ја реализираат“

Elena Trenchevska Chekovic  | 10.03.2026 - Обновена : 10.03.2026
Македонско МНР: Со лет од Дубаи ќе се евакуираат 125 македонски државјани од вкупно 150 лица

СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија соопшти дека со денешниот лет од Дубаи ќе се евакуираат вкупно 150 патници, од кои 125 македонски државјани, пренесува Анадолу.

Тензиите на Блискиот Исток ескалираа откако Израел и САД започнаа заеднички напади врз Иран на 28 февруари, во кои досега загинаа околу 1.300 луѓе. Иран возвраќа со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и други земји од Персискиот Залив каде што има американски воени бази.

Министерството истакна дека со овој лет се евакуирани и седум државјани на Србија, 11 државјани на Косово, двајца државјани на Босна и Херцеговина, двајца државјани на Албанија, еден државјанин на Германија, еден државјанин на Ерменија и еден државјанин на Црна Гора.

„Во моментов во Обединетите Арапски Емирати остануваат околу 200 македонски државјани што првично се пријавиле за евакуација, но, според нивните изјави, во овој момент не изразуваат подготвеност да ја реализираат“, се додава од Министерството.

Се очекува авионот од Дубаи да слета на меѓународниот аеродром „Скопје“ околу 20 часот по локално време.

Во однос на евакуацијата од Ријад планирана за утре, Министерството информираше дека досега се пријавени вкупно 153 патници што ќе полетаат од меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад, од кои, како што е соопштено, деветмина се од Саудиска Арабија, 15 од Бахреин, 96 од Катар и 33 од Кувајт.

„Имајќи предвид дека нашата земја нема склучено договор за воздушен сообраќај со Кралството Саудиска Арабија, предвидено е авионот да слета на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз за патниците до Скопје“, соопшти Министерството.

Оттаму напоменаа дека целата организација на летовите, вклучително и сите поврзани трошоци, се покриени од Владата преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.