политика

Извештај: Над 3.000 лица загинале обидувајќи се по морски пат да стигнат до Шпанија во 2025 година

Невладината организација „Каминандо фронтерас“ соопшти дека 3.090 луѓе се удавиле во период помеѓу јануари и 15 декември 2025 година, вклучувајќи 192 жени и 437 деца

Aysu Biçer  | 31.12.2025 - Обновена : 31.12.2025
Извештај: Над 3.000 лица загинале обидувајќи се по морски пат да стигнат до Шпанија во 2025 година

Лондон

Повеќе од 3.000 луѓе ги загубиле животите обидувајќи се по морски пат да стигнат до Шпанија во текот на изминатата година, покажува нов извештај, кој бележи значителен пад во однос на претходните 12 месеци, јавува Анадолу.

Невладината организација „Каминандо фронтерас“ соопшти дека 3.090 луѓе се удавиле во период помеѓу јануари и 15 декември 2025 година, вклучувајќи 192 жени и 437 деца.

Жртвите се од вкупно 30 земји, претежно од западна и северна Африка, но и од Пакистан, Сирија, Јемен, Судан, Ирак и Египет.

Активистите предупредуваат дека намалувањето на бројот на загинати не значи дека миграциските рути станале побезбедни, туку дека построгите гранични контроли ги принудуваат мигрантите да користат сѐ поопасни правци.

Според извештајот, атлантската рута од Северна Африка до Канарските Острови и понатаму останува најсмртоносната, со 1.906 регистрирани смртни случаи во текот на годинава. Патувањето по оваа рута може да трае и до 12 дена на отворено море.

Сѐ поголем број мигранти се обидуваат да стигнат и по рутата од Алжир до Балеарските Острови, каде што животот го загубиле 1.037 лица.

„Каминандо фронтерас“ исто така укажа на појавата на нова миграциска рута од Гвинеја кон Канарските Острови, што, како што наведуваат, дополнително ги зголемува ризиците за луѓето кои се обидуваат да стигнат до Шпанија по морски пат.

Во извештајот се критикува и, како што се наведува, глобалното заострување на миграциските политики во текот на 2025 година, со посебен акцент на САД.

Во него се вели дека мерките промовирани од американската администрација „ја трансформирале глобалната мапа на мобилност“, што претставува „јавна декларација за ограничена и невидлива војна“ против мигрантите.

Според извештајот, политиките за депортација предводени од САД придонеле за создавање модел на префрлање на протерувањата кон трети земји, при што во одредени случаи мигрантите завршуваат во затвори, во правна неизвесност или дури и во американски воени бази во странство.

Организацијата наведува дека ваквите практики се одраз на политики применети и во други земји, како планот на Обединетото Кралство за депортација на барателите на азил во Руанда – подоцна запрен од Врховниот суд – како и воспоставувањето центри за притвор од страна на Италија во Албанија.

Сумирајќи, во извештајот се оценува дека овие мерки придонесуваат за создавање „транснационален систем во кој мобилноста се управува преку институционално насилство и ускратување на основните гаранции“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.