Снежните врнежи создадоа убави глетки во Скопје
Град Скопје соопшти дека екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови постојано се на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност
СКОПЈЕ (АА) - Снежните врнежи создадоа убави глетки во главниот град Скопје, јавува Анадолу.
На повисоките предели продолжија снежните врнежи, но утрово снегот го покри и Скопје.
Децата, користејќи го снегот, играа со снежни топки, додека граѓаните имаа тешкотии при движењето по лизгавите улици.
Според Управата за хидрометеоролошки работи денес ќе има пообилни врнежи од снег во западните делови.
Исто така, се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми од 15 до 25 см, а на пониските да се формира снежна покривка од 3 до 10 см.
Во соопштението на Град Скопје се наведува дека екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови постојано се на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб.
Во меѓувреме, Министерството за транспорт соопшти дека сите патни правци се проодни и сообраќајот се одвива непречено по влажни коловози.
„Онаму каде што паѓа снег, континуирано се чисти со координирани активности на Јавното претпријатие ‘Македонија пат’ во соработка со Министерството за транспорт“, соопштија од Министерството.
Министерството, исто така, препорача задолжително употреба на зимска опрема, внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и приспособена брзина во согласност со условите на патните правци.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
