Експерти: „Истанбул е вистинско место за мировни преговори меѓу Русија и Украина“
- Експертите сметаат дека Истанбул е најсоодветна локација за обновени директни преговори меѓу Русија и Украина по три години, поради последните напори на Турција за постигнување праведен и траен мир
БРИСЕЛ/АНКАРА (АА) - Експертите сметаат дека Истанбул е најсоодветна локација за обновени директни преговори меѓу Русија и Украина по три години, поради последните напори на Турција за постигнување праведен и траен мир, јавува Анадолу.
Вниманието се насочи кон преговорите што утре треба да се одржат во Истанбул откако рускиот претседател Владимир Путин предложи безусловни и директни преговори со Украина.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски потврди дека ќе присуствува на преговорите во Турција, а во рамките на овие настани турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повтори поддршката на Анкара и изјави дека Турција е подготвена да биде домаќин со цел постигнување праведен и траен мир.
Неуспешните преговори одржани во Истанбул во април 2022 година, само два месеца по почетокот на војната, денес се сметаат за пропуштена можност.
Во изминатите три години европските земји издвоија милијарди евра за поддршка на Украина против Русија.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата на почетокот на оваа година, тој зазеде цврст став за завршување на војната. Неговиот пристап, со кој ја заобиколува Европа, предизвика загриженост во Брисел.
Каролина Ванда Олшовска од Институтот за турски студии во Краков за Анадолу изјави дека главна промена од преговорите во Истанбул во 2022 година е зголемениот притисок за мировен договор од различни актери, вклучително и САД.
Нагласувајќи дека Русија е значително ослабена и воено и економски поради тековните меѓународни санкции, војната и жртвите, Олшовска рече:
„Она што го гледаме е конвергенција на внатрешниот замор и економскиот притисок со растечкиот меѓународен притисок за прекин на непријателствата.“
Истакнувајќи ги балансираните односи на Турција со Украина, Европа и Русија од почетокот на војната, таа рече: „Од перспектива на Украина и Европската Унија, нема сомнение дека Турција претставува најизводлив и најдоверлив посредник во оваа фаза.“
- „Турција е најсоодветно место за мировни преговори и неопходен актер“
Олшовска додаде дека Турција има потенцијал да одигра критично важна и неопходна улога како членка на НАТО и земја блиска до ЕУ.
„Како клучен столб на европската безбедност, Турција добро ги разбира ризиците од премногу моќна Русија. Тоа е земја што постојано се спротивставува на руското влијание во Сирија, Либија, делови од Африка и регионот на Црно Море“, нагласи таа.
„Покрај тоа, Турција постојано ја потсетуваше меѓународната заедница дека Крим беше и останува дел од Украина“, рече Олшовска.
„Верувам дека Турција, додека ги предводи овие посреднички напори, нема да ги изгуби од вид овие реалности. Затоа ја гледам Турција како најдобро можно место за мировни преговори. Верувам дека Анкара може да помогне во ставањето крај на војната не по секоја цена, туку под услови што ќе ги зачуваат суверенитетот и независноста на Украина. Само таков исход може да обезбеди трајна безбедност за Турција, за Полска и за Европа како целина“, додаде таа.
- Скептицизам за ставот на Русија
Ондереј Дитрих од Институтот за студии за безбедност на ЕУ за Анадолу изјави дека Турција и Истанбул се места каде што реално може да се одржат преговори. Осврнувајќи се на разговорите од 2022 година како преседан, Дитрих истакна дека останува нејасно каква позиција ќе заземе Русија во преговорите.
Тој изрази сомнение дека Русија го сменила својот став и посочи дека можеби има цел да им покаже на САД дека е подготвена за преговори наместо навистина да бара мир.
„Постои улогата на турската Влада, а потоа и на претседателот Ердоган. Значи, мислам дека тоа е многу чувствителна игра“, рече тој, додавајќи дека предлогот за преговори на Русија „може да биде едно од оние тактички движења што може да резултираат со некаква мала и привремена промена во нивните позиции.“
Тој додаде дека е скептичен за тоа дека Русија без вистински притисок ќе отстапи од своите позиции кога станува збор за конфликтот во Украина.
Аманда Пол, експертка за Турција и Украина од Европскиот политички центар во Брисел, изјави дека Ердоган од почеток се залага за праведно и одржливо решение.
Таа рече дека Турција и денес е подготвена да биде домаќин на преговорите, како што била и во 2022 година. Потсети дека тогашните преговори Путин ги нарекол „почетна точка“ или „пример за завршница што ја посакува“.
Сепак, Пол изрази скептицизам околу ставот на Русија, велејќи дека неодамнешната реторика од Москва укажува на намера да се заземе цела територија на Украина.
„На крајот на денот не верувам дека Русите навистина сакаат прекин на огнот. Путин останува доследен на своите оригинални стратегиски цели“, рече таа.
- Војната меѓу Русија и Украина и преговорите
Војната, која започна на 24 февруари 2022 година со нападот на Русија врз Украина, доведе до делумна анексија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
Со анексијата на Крим во 2014 година Украина изгуби околу една петтина од својата територија.
САД и европските земји ѝ дадоа значителна воена и економска поддршка на Украина и воведоа строги санкции за Русија.
По првичните средби во Белорусија, министрите за надворешни работи на Русија и Украина се сретнаа на 10 март 2022 година на Дипломатскиот форум во Анталија. Турција повторно ги собра страните на 29 март во Истанбул.
Сепак, постигнатиот консензус се распадна поради обвинувањата за убиства на цивили во Буча и наводите дека Велика Британија и САД се спротивставиле на договорот.
И покрај ескалацијата на конфликтот, Турција продолжи со мировните напори и во соработка со ОН успеа да го постигне меѓународно признатиот Договор за извоз на жито преку Црно Море.
Ердоган, како еден од ретките лидери што може да разговара со двете страни, продолжува да нуди посредништво.
Со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД дипломатската активност повторно доби интензитет.
На 11 мај рускиот претседател Путин предложи продолжување на прекинатите директни преговори без предуслови и побара од Турција да биде домаќин на разговорите во Истанбул на 15 мај. Украина позитивно одговори на предлогот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
