Слепиот дедо Раиф веќе 24 години го наоѓа патот благодарение на своето магаре
- Раиф Курт, 82-годишен маж со оштетен вид кој живее во турската област Маниса, патува сам на магаре од својот дом во руралните предели до центарот на градот.
МАНИСА
- Ахмет БАЈРАМ
Раиф Курт, 82-годишен маж со оштетен вид кој живее во турската област Маниса, патува сам на магаре од својот дом во руралните предели до центарот на градот.
Роден во Бугарија во 1943 година со генетско оштетување на видот, Курт со своето семејство емигрирал во градот Салихли во турската област Маниса во 1951 година.
Откако целосно го изгубил видот на 20-годишна возраст, Курт заработувал за живот како овчар и земјоделски работник и покрај неговиот инвалидитет.
Раиф Курт, кој отсекогаш живеел сам, се обидува самостојно да ги извршува своите секојдневни задачи. Повеќе од 60 години најголеми поддржувачи на Курт се неговите магариња.
- Веќе 24 години патува со својот сопатник „Магаре“
Курт, кој досега имал поддршка од 2 магариња, веќе 24 години патува со своето магаре, кое исто така го нарекол „Магаре“ (магаре на турски - ешек).
Откако Раиф Курт го зел, „Магаре“ бил дресериран, благодарение на што Курт самостојно може да патува меѓу неговата куќа во населбата Куртулуш и неговата селска куќа во областа Караагач.
- „Го научивме магарето“
Курт за новинарот на АА изјави дека неговиот татко доживеал големи проблеми во Бугарија, и оставајќи го целиот свој имот, дошле во Салихли.
Објаснувајќи дека тука животот го почнале од нула и работејќи под тешки услови опстанале во живот, Курт истакна:
„Нема место на овие планини на кое не сум стапнал. Додека пасев кози, видот почна да ми ослабува. Козите се упатуваа кон карпата, а јас не можев да ги симнам. Паднав од карпата 5 пати, но не умрев. Ми било судено да живеам.“
Зборувајќи дека неговото магаре има значајно место во неговиот живот, Курт продолжи со зборовите:
„Магарето стана моите очи, моите уши. Не можев да одам никаде без магарето. Го дресиравме магарето. Прво, најдов дете. Тоа дете ме водеше напред-назад еден месец, потоа магарето научи само и почна да ме носи. Магарето ги научи патиштата. Понекогаш кучињата ги напаѓаат магарињата, а бегајќи од нив, магарето честопати ме соборува на земја. Ме болат рамењата.“
Раскажувајќи дека никогаш не се оженил, Курт рече дека сам се справува со секојдневните обврски.
Керем Ал, трговец во градот, рече дека му даваат поддршка на Курт во неговите секојдневни потреби.
Зборувајќи дека меѓу него и Раиф Курт се развил однос татко - син, Ал продолжи со зборовите:
„Магарето е негови раце и нозе. Магарето го знае патот. На пример, кога ќе ја напушти својата куќа во Куртулуш, магарето директно доаѓа тука.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
