Турција успешно го тестираше својот прв хибриден мотор за мисијата на Месечината
Министерот Варанк за АА изјави дека спроведени се двe успешни тестирања, стартирање на Ракетниот сондажен систем (SORS) и првото стартување (палење) на хибридниот мотор планиран да се користи во мисијата за Месечината

ИСТАНБУЛ (АА) - Турција успешно го тестираше својот прв хибриден мотор што ќе се користи во мисијата на Месечината, изјави денес турскиот министер за технологија и индустрија Мустафа Варанк, јавува Агенција Анадолија (АА).
Варанк доби информации за системот во подрачјето на Шиле во Истанбул.
Земјата планира да го испрати вселенското летало без екипаж да изведе тешко слетување на Месечината во 2023 година, во рамките на Националната вселенска програма на Турција.
Варанк за Агенција Анадолија изјави дека спроведени се двe успешни тестирања, стартирање на Ракетниот сондажен систем (SORS) и првото стартување (палење) на хибридниот мотор планиран да се користи во мисијата за Месечината.
Потенцирајќи дека во тестирањето имало целно време од 50 секунди, Варанк рече: „Ова стартување (палење) од 50 секунди е успешно завршено. Од денес можеме да кажеме дека првите тестирања на моторот што може да се користи во лунарната мисија се успешно реализирани.“
„Денес, истовремено, го спроведовме првото стартување на хибридниот ракетен мотор што може да се користи во мисијата на Месечината“, изјави тој, додавајќи дека примерок од ракетниот мотор ќе биде лансиран од северната турска област Синоп во мај.