Турско МНР: Турција остро ги осудува нападите на Израел врз Либан
- Турското Министерство за надворешни работи нагласи дека овие напади „претставуваат сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“
ИСТАНБУЛ (АА) – Турција денес „остро ги осуди“ израелските напади врз Либан, кои доведоа до раселување на околу еден милион луѓе, јавува Анадолу.
Во соопштението објавено на веб-страницата на турското Министерство за надворешни работи се наведува дека овие напади „претставуваат сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.
„Јасно е дека експанзионистичкиот Израел има цел дополнително да ја зголеми регионалната нестабилност. Не смее да се дозволи Владата на Нетанјаху да продолжи со своите деструктивни практики во Либан, како што го прави тоа во Газа“, се наведува во соопштението.
Од Министерството додаваат дека Турција ќе продолжи да се солидаризира со либанскиот народ и државата во врска со израелските напади што ги загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Либан.
Либанската група Хезболах на 2 март започна да извршува напади врз израелски воени позиции како одговор на повторените израелски напади врз Либан и убиството на тогашниот врховен лидер на Иран, Али Хаменеи, во заеднички напад на САД и Израел.
Израел возврати со започнување воена кампања во Либан, извршувајќи воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, како и врз области на југот и истокот на земјата, а на 3 март започна и ограничена копнена операција во Јужен Либан.
Според либанскиот министер за здравство Ракан Насер ел-Дин, во нападите се убиени 634 лица, меѓу кои 91 дете, а 1.586 лица се повредени.
