култура и уметност

Програмата на турски јазик при МРТ - гласот на Турците во Македонија

Првата програма на турски јазик во рамките на некогашната Радио-телевизија Скопје е емитувана на 16 април 1969 година. Емисијата којашто на почетокот траеше 5 минути дневно, постепено се зголеми на 2,5 часа.

Dzihat Aliju  | 19.12.2018 - Обновена : 20.12.2018
Програмата на турски јазик при МРТ - гласот на Турците во Македонија (Foto: Vedat Abdul/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Џихад Алиу

Македонската радио-телевизија (МРТ), некогашната Радио-телевизија Скопје, со телевизиската и радиопрограма на турски јазик продолжува да биде гласот на Турците во земјата.

Редакциите на турски јазик во МРТ и покрај сите потешкотии во минатото, продолжуваат да стојат цврсто на своите нозе и своите гледачи и слушатели, ги информираат за голем број детали коишто се поврзани со нивните проблеми, потреби, начинот на живот.

Во програмата на МРТ, покрај емисиите на турски јазик, се емитува програма и на јазиците на другите еднички заедници (албански, влашки, ромски, босански, српски), заземајќи значајно место во животите на етничките заедници во Македонија.

Првата програма на турски јазик во рамките на некогашната Радио-телевизија Скопје е емитувана на 16 април 1969 година. Емисијата којашто на почетокот траеше 5 минути дневно, постепено се зголеми на 2,5 часа.

Главниот уредник на Турската телевизиска редакција во МРТ, Ерхан Хасип, во разговор за Anadolu Agency (AA) изјави дека на чело на Турската редакција е од 2008 година и додаде дека во април 2019 година Турската редакција ќе слави јубилејни 50 години од постоењето.

Хасип изјави дека по Турската радиотелевизија (ТРТ), можеби Македонија е единствената земја во светот, во која Турската редакција како дел од јавниот сервис емитува програма на турски јазик, додавајќи дека и во соседните земји има емитувања со мал домен, но тие се соочувале со големи проблеми.

Потсетувајќи дека многу кусо време по започнувањето со работа на јавниот телевизиски сервис во земјата започнало емитувањето и на турската програма, Хасип информираше дека денес, Турската редакција емитува програма од повеќе области, во времетраење од 2,5 часа.

Хасип рече дека времетраењето на програмата е недоволно, но се прават напори во 2019 година да се продолжи времетраењето на програмата.

„Ги направивме договорите. Во Собранието се направени потребните правни корекции. Почнувајќи од Нова година, се отвора нов трет телевизиски канал. Во моментов има два дражавни телевизиски канали. На третиот канал претежно ќе се емитува програма на турски јазик. Се разбира дека и другите етнички заедници ќе имаат своја програма, но претежно ќе биде емитувана програма на турски јазик“, информираше Хасип.

Истакнувајќи дека заедно со новиот ТВ-канал, Турската редакција ќе добие „prime time“, Хасип нагласи дека тоа е важен елемент од аспект на следењето на програмата, додавајќи дека на тој начин времетраењето на програмата ќе биде зголемена за 2 до 3 пати.

Велејќи дека проблемите со кои се соочуваат претежно се индивидуални или технички, Хасип продолжи со зборовите: „Работиме да ги решиме тие нешта. Се разбира дека не сме во можност тоа самостојно да го решиме и затоа соработуваме со голем број институции што се занимаваат со тоа. Особено со Турската радио-телевизја (ТРТ) имаме сериозна соработка. Се разбира дека таа соработка сакаме да ја издигнеме на многу повисоко ниво.“

- „Турскиот јазик е застапен на овие простори“

Споредувајќи со минатото, Хасип рече дека денеска пристапот до телевизиските канали е многу полесен. Тој истакна дека всушност должноста е „без да дојде до откинување од корењата, на точен и правилен начин негување и одржување на сопствената култура и јазик“.

Посочувајќи дека од витално значење било постоењето во времето кога имало многу малку канали, Хасип рече: „Во тоа време, луѓето со душа ги очекуваа тие 15 минути за да чујат нешто на турски јазик на телевизија.“

Хасип рече дека во земјата постојат претставништва на Anadolu Agency (AA) и ТРТ, кои изработиле многу студии за Турците во Македонија, додавајќи дека должноста на Турската редакција на МРТ е да се грижи за проблемите на турската популација во земјата.

Тој истакна дека друг сегмент на Турската редакција како дел од јавниот сервис во Македонија е промовирањето на турската популација на другите етнички заедници во земјата, и обратно, запознавањето на турската заедница со другите етнички заедници, обидувајќи се на еден начин да дадат слика за мултикултурализмот во земјата.

Зборувајќи за значењето на турскиот јазик во Македонија, Хасип рече: „Турскиот јазик е застапен на овие географски простори, тој е јапонски суперлепак. Турскиот јазик во земјава живее 365 дена, 24 часа“.

- Турската радиопрограма во најоддалечените делови од земјата

Македонското државно радио својата програма започна да ја емитува во декември 1944 година, а Турската редакција повеќе од половина век продолжува да е гласот на Турците во земјата.

Директорка на Турската редакција при Македонското радио (Радио Скопје), Зубејде Ахмет, рече дека првите чекори во радиопрограмата ги направила во 1990 година, и по големиот број должности во Редакцијата, во 2008 година е именувана за главен уредник на редакцијата.

Ахмет рече дека и покрај големиот број проблеми што ги доживеале во текот на емитувањето на програмата, тие продолжиле со својата работа, додавајќи дека секој ден, во периодот од 10:30 до 15:30 часот, емитуваат програма за своите слушатели, зборувајќи на теми од сите области.

Таа истакна дека благодарение на радиото, турскиот јазик допира до местата до кои никој не може да допре, додавајќи дека е многу среќна кога слушателите не само од градовите, туку и од селата и селцата на планинските врвови ги слушаат радиоемисиите и се вклучуваат во програмата во живо.

Ахмет рече дека претходно студиото во кое ја изведуваат програмата било во многу лоша состојба, но благодарение на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), обезбедена е комплетна опрема во студиото.

- „Гласот на Турците од Македонија кој допира до целиот свет“

Сејхан Јакупи, рече дека веќе 23 години работи во Турската редакција при Македонското државно радио во Редакцијата за култура и уметност.

Јакупи која Турската редакција на Радио Скопје ја опиша како „гласот на Турците од Македонија кој допира до целиот свет“, изјави дека до крај ќе се борат за опстојување на Турската редакција при Радио Скопје.

Подвлекувајќи дека турската радиопрограма во Македонија не е значајна само за Турците во Македонија, Јакупи рече: „Турската програма при Македонското државно радио е подеднакво важна како за Турците што живеат во Австралија, за Турците што живеат во Белгија, за оние во Африка доколку ги има, колку и за Турците во Македонија. Програмата што ја емитуваме во етерот не ја правиме само за Скопје, Гостивар, Ресен или кој било друг дел од земјата. Се обидуваме во програмата што ја емитуваме да бидат опфатени сите Турци, каде и да се наоѓаат. Се обидуваме да ги прикажеме проблемите со кои сите се среќаваат. За нас се значајни и Турците што живеат надвор од Турција, и Турците што живеат надвор од Македонија. Ние сакаме да допреме до проблемите на сите“.

При преминот од системот со ленти на дигитален систем, Јакупи се наврати на проблемите до кои доаѓа при трансфер на записите, истакнувајќи дека поседуваат стари записи на ленти, меѓу кои е и гласот на Назим Хикмет, но додаде дека наидуваат на проблеми кога се обидуваат тие записи да им ги презентираат на слушателите.

- 21 Декември, Ден на наставата на турски јазик

Турската заедница во Македонија, на 21 декември 1944 година го доби правото да се образува на мајчин јазик. По прогласувањето на независноста на Македонија и спроведените законски измени на 15 февруари 2007 година, 21. декември почна да се одбележува како официјален празник на Турците во Македонија.

Според пописот од 2002 година, во Македонија живеат околу 80.000 Турци, кои се застапени во бројни сфери на општеството, од образованието до уметноста, од медиумите до невладините организации.

Правата на Турците во Македонија на политичко поле ги претставуваат двајца пратеници и еден министер. На целата територија на Македонија, во 73 образовни центри на ниво на основни и средни училишта, на турски јазик се школуваат околу 8.000 ученици. Околу 500 учители и наставници наставата по повеќе предмети ја држат на турски јазик.

Турскиот јазик е официјален јазик во 8 општини во Република Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.