Турција, култура и уметност

Креативна рециклажа: Индустрискиот отпад се претвора во уметност на хиподромот во турски Елазиг

Неупотребените потковици, синџири, железо, завртки и лимени калапи од хиподромот, како и индустрискиот отпад од разни институции, под вештите раце на вработените се трансформираат во впечатливи скулптури

Suat Öztürk  | 26.03.2026 - Обновена : 26.03.2026
Креативна рециклажа: Индустрискиот отпад се претвора во уметност на хиподромот во турски Елазиг Фото: Suat Öztürk/AA

ЕЛАЗИГ (АА) - СУАТ ОЗТУРК - Во срцето на градот Елазиг, на хиподромот на Турскиот џокејски клуб (TJK), преку скулптурите на коњи изработени од отпадни материјали се подига свеста за рециклирањето, јавува Анадолу.

На хиподромот со поглед кон езерото Хазар, што се протега на 503 хектари, во населбата Јуртбаши, во рамките на проектот „Нула отпад“ предводен од сопругата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Емине Ердоган, е формирана работилница за пренамена на отпадни материјали.

Во оваа работилница, неупотребените потковици, синџири, железо, завртки и лимени калапи од хиподромот, како и индустрискиот отпад од разни институции, под вештите раце на вработените се трансформираат во впечатливи скулптури.

Шест досега изработени скулптури, создадени како дел од проектот што започнал пред една година, на 1 април ќе бидат изложени на различни локации низ хиподромот, кога и официјално започнува сезоната на трки.

Секоја скулптура, тешка речиси еден тон, е плод на трпелива, едно и полмесечна борба со материјалите. Целта е, кај децата и семејствата, кои го посетуваат хиподромот за рекреација и пикник, да се всади културата на рециклирање и да се подигне еколошката свест.

- Проектот „Нула отпад“ е од пресудно значење за иднината на светот -

Директорот на хиподромот на ТЈК во Елазиг, Мухамет Демирчелик, за АА изјави дека хиподромот, покрај коњичките трки, на граѓаните им нуди и отворени простори за социјален живот.

Демирчелик истакна дека хиподромот прима најголем број посетители токму во летните месеци и додаде:

„Концептот 'Нула отпад' е од пресудно значење за иднината на светот. Под оваа тема реализиравме многу проекти. Во работилницата формирана на хиподромот, нашите стручни колеги изработуваат скулптури од индустриски отпад. Нашата цел е, од една страна, кај нашите деца да ја всадиме еколошката свест, а од друга страна, да ја истакнеме уметничката мисла. Преку овие дела се обидуваме на децата да им ја објасниме важноста на рециклирањето и заштитата на животната средина.“

- „Се трудиме да ги приспособиме скулптурите на коњите според нивната анатомска градба“ -

Уметникот Серкан Чаталкаја, чиј академски пат започнал на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Фират“, веќе две години ја вградува својата креативност во темелите на хиподромот. Неговите активности главно се фокусирани на изработка на скулптури на коњи.

Објаснувајќи дека создаваат многу различни дела користејќи отпадни материјали, Чаталкаја раскажа:

„Со овие дела придонесуваме за рециклирањето, притоа водејќи се од логиката на 'креативна рециклажа'. Материјалите што ги користиме главно се состојат од индустриски отпад. Времето на изработка варира во зависност од големината на скулптурите. Се трудиме да ги обликуваме скулптурите на коњите доследно на нивната анатомска структура. Работам со гасно заварување и спирален камен. За да ја обезбедиме стабилноста на скулптурите, соодветно ја конструираме и внатрешната структура на скелетот.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın