„Вакцинирањето на 80 проценти од светското население во рок од шест месеци може да стави крај на пандемијата“
- Александар Гинтсбург, раководителот на рускиот Национален истражувачки центар Гамалеја и производител на „Спутник Ве“ зборуваше за безбедноста на вакцините

МОСКВА
По повеќе од две години, пандемијата со коронавирусот продолжува да беснее низ светот, развивајќи се во серија бранови, носејќи нови опасни соеви.
Во интервју со Агенција Анадолија (АА), Александар Гинтсбург, производителот на вакцината „Спутник Ве“ и раководител на рускиот Национален истражувачки центар Гамалеја, зборуваше за тоа како може да се стави крај на пандемијата, зошто се препорачува да се примаат вакцини против Ковид-19 двапати годишно и зошто вакцините, почесто од лековите, предизвикуваат благи несакани ефекти.
Според научникот, пандемијата со коронавирусот може да заврши доколку 80 отсто од светската популација е вакцинирана во краток рок во не повеќе од седум месеци.
За да се постигне таа цел, прво е неопходно да се создадат доволно залихи на вакцини и да се обезбедат земјите кои не произведуваат вакцини против Ковид-19.
Тој истакна дека Русија може да придонесе за справување со предизвикот, бидејќи има доволно капацитет да произведе вакцини во големи количини.
„Руската фармацевтска индустрија може да произведе многу значаен дел од тие вакцини, што ќе бидат барани не само во Руската Федерација, туку првенствено во Африка, југоисточна Азија и други региони, што е од витално значење за борба со пандемијата која целото човештво ја доживува веќе трета година по ред.“
- Ефикасноста на „Спутник Ве“ против новите соеви и фреквенција на вакцинацијата
„Луѓето вакцинирани со „Спутник Ве“ се 75 проценти заштитени од тешки форми предизвикани од сојот Омикрон, додека оние што се вакцинирани со „Спутник Ве“ и ревакцинирани со „Спутник лајт“ имаат 100 проценти заштита од хоспитализација во случај на заразување со Омикрон“, рече Гинтсбург.
„Ако поминало една година од последната вакцинација со „Спутник Ве“, заштитата од Омикрон се намалува на 55 проценти“, додаде тој.
„Од ова, можеме да дојдеме до директен заклучок, неопходно е да се ревакцинираме на секои шест месеци и ќе бидеме заштитени. Истото може да се каже и за сојот Делта“, истакна Гинтсбург.
Научникот истакна дека „Спутник лајт“ може да се користи како засилувач на „Спутник Ве“ и други вакцини. Според него, истражувањата покажале дека ревакцинацијата со „Спутник лајт“ е поефикасна од една доза вакцина.
„Употребата на „Спутник лајт“ како засилувач е многу препорачлива, и ние ова исто така го покажавме во бројни студии со други вакцини, на пример со вакцината „АстраЗенека“. Рускиот фонд за директни инвестиции активно ги спроведува овие студии. Па така јас ви ја препорачувам употребата на „Спутник лајт“ за зајакнување на која било вакцина што се користи до денес“, рече тој.
Во исто време, тимот на Институтот „Гамалеја“ под покровителство на Министерството за здравство и со учество на Рускиот фонд за директни инвестиции, развива интраназална вакцина Спутник, со цел целосно да се спречи воопшто контаминацијата.
„Интраназалните вакцини ќе создадат бариера за навлегување на вирусот во човековото тело. Распрснувањето на вакцината во носната шуплина ќе вклучи голем број дополнителни имунолошки клетки, зајакнувајќи ја општата отпорност на организмот“, рече Гинтсбург.
Гинтсбург ја објасни неопходноста од вакцинирањето против Ковид-19, имајќи го предвид, прво отсуството на основно знаење за болеста и второ просечната фреквенција на појавата на нови соеви.
„Што се однесува до коронавирусот, ние не ја знаеме неговата екологија, како се формира, каде е во интерепидемискиот период, од избувнување до појава, како се формираат нови соеви, дали тие се формирани во тело на луѓе со ослабнат имунитет, или кај диви или домашни животни.“
„Степенот на мутабилност на вирусот е доста висок, да речеме многу висок. Исто така не знаеме колку често ќе се појави нова, фундаментално нова, силна антигенска варијанта. Досега, се појави, може само три прста да свиткаме, Вухан, Делта и Омикрон. Три пати за време од помалку од две години. Односно, со фреквенција еден и пол пати поголема од фреквенцијата на појавување на нови варијанти на грип“, истакна тој.
„Значи, (бидејќи вирусот се појавува приближно еднаш на секои шест месеци) во овој период, неопходно е да се прими вакцина еднаш во шест месеци. Ако беше само еден сој од Вухан, тогаш ќе ви кажев дека тие мемориски клетки формирани како резултат на вакцинација за сојот од Вухан ќе бидат доволни за најмалку две години. Или можеби три години, или можеби за цел живот. Но, не можам да го кажам тоа сега бидејќи дојде новиот сој. Ако новиот сој пристигна, тоа значи дека мемориските клетки што беа формирани од сојот Вухан не работат или работат многу слабо“, рече тој.
- Несакани ефекти од вакцинацијата
Гинтсбург рече дека студиите за „Спутник Ве“ покажале дека вакцинацијата на никаков начин не влијае на состојбата на бремена жена, на плодот или на способноста за репродукција.
„Сите тврдења околу можноста вакцината да влијание на мајката, детето, или репродуктивните способности, верувам дека се само последен аргумент на антиваксерите, кои ги користат вообичаените стравови со кои се соочува општата популација, на кои општата популација болно реагира. Тие користат психолошки пристап, се обидуваат да постигнат малку публицитет, слава и сè друго. Овие стравови немаат научно оправдување“, истакна тој.
„Што се однесува до несаканите ефекти од вакцините против Ковид-19, тие се појавуваат поради високата концентрација на активните компоненти потребни за развој на силна и трајна заштита“, објасни шефот на Институтот „Гамалеја“.
„Коронавирусот е многу посериозен (од, на пример, грипот), стапката на смртност е четири до пет пати повисока од стапката на смртност од грип. Затоа неопходно е да се зголеми дозата на вакцина. Затоа, минимални нуспојави во форма на чешање, црвенило на местото на инјектирање или можност за зголемена телесна температура до 37,5 - 37,6 (степени Целзиусови) не се исклучени.“
Гинтсбург рече дека безбедноста и ефикасноста на „Спутник Ве“ се потврдени во голем број клинички студии што се спроведени и во Русија и други земји.
„Исто така, имаме специјално тело, „Роздравнадзор“, кое ги следи сите можни нуспојави и ефикасноста на лековите откако тие ќе влезат во широката циркулација. И во суштина, за речиси една година откако Спутник е во циркулацијата на граѓаните нема сериозни жалби за ефикасноста и квалитетот на вакцината“, рече научникот.
Слични истражувања за ефикасноста на „Спутник Ве“ се спроведуваат во земји кои веќе ја употребуваат, заедно со другите вакцини.
„Здравствените власти во Аргентина, Мексико, Унгарија, Сан Марино, Обединетите Арапски Емирати и некои други земји каде „Спутник Ве“ се употребува се задоволни од вакцината“, рече Гинтсбург.
„Прва земја која го реши проблемот со Ковид-19 на нејзината територија преку вакцинација со „Спутник Ве“ е Сан Марино. Тие имунизираа 85-90 отсто од нивната популација со „Спутник Ве“ и проблемите со пандемијата, Вухан и другите соеви беа решени“, додаде тој.
Сите студии и извештаи од странство се донесени во Иститутот „Гамалеја“, каде се анализирани од страна на одговорни специјалисти за надгледување лекови што добиле државна регистрација и влегле во циркулацијата на граѓаните.
Научникот истакна дека Русија може да биде ефикасен и економски профитабилен донатор на испораките на вакцини до земјите кои немаат свои вакцини со единствена цел да ја заштити светската популација од Ковид-19.
Според Рускиот фонд за директни инвестиции, во 71 земја е регистрирана вакцината „Спутник Ве“, додека „Спутник Лајт“ е регистрирана во 30 земји.
Во моментот, повеќе од 400 милиони доза на вакцината Спутник се произведени, од кои околу 100 милиони се дистрибуирани во Русија, а останатите 300 милиони се извезени.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.