Во Турција започнува вакцинацијата против Ковид-19 во домовите за стари лица
Се очекува 18.450 лица во државните и приватните домови за згрижување, 30.000 лица со посебни потреби, 14.470 вработени и 24.200 стари лица во државните и приватните старечки домови да се вакцинираат со првата доза...

АНКАРА (АА) - Во Турција оваа недела ќе почне вакцинацијата на корисниците и вработените во домовите за згрижување стари лица и установите за нега на лица со посебни потреби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјата во четвртокот започна со вакцинација на здравствените работници со вакцината „КоронаВак“, развиена од кинеската компанија „Синовак биотех“. Според изворите, се очекува сите здравствени работници да бидат инокулирани до следната недела.
Во овој контекст, инициран е процес за вакцинирање на корисниците и вработените во државните и приватните установи за кои е надлежно Министерството за семејство, труд и социјални услуги.
Се очекува 18.450 лица во државните и приватните домови за згрижување, 30.000 лица со посебни потреби, 14.470 вработени и 24.200 стари лица во државните и приватните старечки домови да се вакцинираат со првата доза една недела по започнувањето на процесот.
Министерството претходно побара од сите овие установи да ги завршат потребните подготовки.
Првата пратка од 3 милиони дози од вакцината против Ковид-19 пристигна во Турција на 30 декември.
Ќе бидат дадени две дози од вакцината во период од 28 дена, но оние што го прележале Ковид-19 ќе бидат вакцинирани шест месеци по нивното оздравување.
Во Турција на сила е полициски час за време на викендите и во ноќните часови кој беше воведен за да се спречи ширењето на вирусот. Претседателот Реџеп Таип Ердоган најави дека ограничувањата ќе се олеснуваат постепено, бидејќи бројот на заразени значително се намалува.