Австралискиот премиер призна дека не ги исполниле целите за вакцинацијата против Ковид-19
„Апсолутно жалам што не ги достигнавме бројките на кои се надевавме на почетокот на оваа година. Ниту една земја не може да стори сѐ како што е потребно. Ниту еден премиер не може да стори сѐ како што е потребно...“

МЕЛБУРН (АА) - Австралискиот премиер Скот Морисон истакна дека му е жал за одложувањата и нарушувањата во доставувањето на вакцините против Ковид-19 за жителите на неговата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференција во главниот град Канбера, Морисон даде изјава за борбата против случаите на Ковид-19 кои се зголемија во последните неколку недели и напорите за вакцинација.
Наведувајќи дека ја презема одговорноста за одложувањата и нарушувањата во испораката на вакцините против Ковид-19 до граѓаните, Морисон призна дека не ги достигнале бројките кои биле нивна цел.
„Апсолутно жалам што не ги достигнавме бројките на кои се надевавме на почетокот на оваа година. Ниту една земја не може да стори сѐ како што е потребно. Ниту еден премиер не може да стори сѐ како што е потребно, затоа мојата обврска е да продолжам да работам“, рече Морисон.
Наведувајќи дека ќе биде зголемен бројот на местата за вакцинација, Морисон рече дека до крајот на овој месец, бројот на аптеките каде што ќе може да се вакцинираат граѓаните ќе се зголеми од 118 на 470.
Во Австралија, при спроведувањето на вакцинацијата која е под одговорност на Федералната влада, регистрирано е дека има одложувања во дистрибуцијата на одобрените вакцини во земјата, како и недоволен број аптеки, матични лекари и здравствени установи што би работеле на вакцинацијата.
Според податоците на Заводот за статистика, стапката на оние кои ја примиле првата доза на вакцина во земјата со население од приближно 25.793.000 илјади е 29,1 процент, а стапката на оние кои ја примиле втората доза на вакцина е 11,66 проценти.
Во Австралија, каде што првиот случај на Ковид-19 беше регистриран на 25 јануари 2020 година, животот го загубија 915 лица. Во земјата се регистрирани 32.425 лица позитивни на Ковид-19.
Во земјата каде што варијантата Делта расте во последните неколку недели, има вкупно 1.452 активни случаи. Од нив, 142 лица продолжуваат да се лекуваат во болниците, а 29 се на одделите за интензивна нега.