Израелскиот претседател пристигна во Австралија под засилени безбедносни мерки
Набрзо по пристигнувањето Херцог ја посети плажата Бонди, каде што положи венец пред павилјонот во знак на почит кон 15 жртви во масовното пукање што се случи за време на прославата на Ханука
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелскиот претседател Исак Херцог денес пристигна во Сиднеј, Австралија, во официјална државна посета, под засилени безбедносни мерки и повици на протести од пропалестинските и групите за човекови права, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Набрзо по пристигнувањето Херцог ја посети плажата Бонди, каде што положи венец пред павилјонот во знак на почит кон 15 жртви во масовното пукање што се случи за време на прославата на Ханука на 14 декември 2025 година, објави Австралиската радиодифузна корпорација (ABC).
Терористичкиот напад се случи кога две вооружени лица отворија оган.
Обраќајќи се пред медиумите, Херцог го осуди „ширењето на антисемитизмот како глобална вонредна состојба“.
Безбедносните мерки во Сиднеј се засилени, затворени се патиштата на неколку места и распоредени се повеќе од 3.000 полицајци.
Пропалестинските групи планираат протести низ Австралија попладне поради посетата на Херцог.
Специјалната комисија на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) за истрага на војната во Појасот Газа минатата година откри дека Израел извршил геноцид и рече дека коментарите дадени од Херцог по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година се доказ за геноцидна намера.
Полицијата преговара со демонстрантите барајќи од нив да ја сменат својата маршрута надвор од ограничената зона низ срцето на Сиднеј.
Демонстрантите го отфрлија барањето и инсистираат да се соберат во Градското собрание на Сиднеј пред да тргнат кон Парламентот на Нов Јужен Велс.
Владата на државата Нов Јужен Велс ја прогласи посетата на Херцог за голем настан, давајќи ѝ на полицијата дополнителни овластувања за затворање на одредени области.
Палестинската група за акција ја оспори декларацијата пред Врховниот суд тврдејќи дека овластувањата се прекумерни, неоправдани и незаконски. Сослушувањето е сè уште во тек.
„Наместо да ги брани човековите права, Владата на Нов Јужен Велс користи овластувања во стилот на вонредна состојба за да заштити шеф на држава од одговорност“, рече портпаролот на групата, Џош Лис.
Во меѓувреме, Прогресивниот еврејски совет на Австралија започна голема рекламна кампања во главните австралиски весници изразувајќи противење на официјалната посета на израелскиот претседател Исак Херцог.
Советот објави отворено писмо потпишано од над 1.000 еврејски австралиски припадници на академската фела, правни експерти, уметници и лидери на заедниците, во кое го повикува премиерот Ентони Албаниз да ја повлече својата покана.
Други еврејски групи ја поздравија посетата на Херцог. Алекс Ривчин, коизвршен директор на Извршниот совет на австралиските Евреи, рече дека тоа ќе го подигне расположението на еврејската заедница.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
