Билал Суџубаши избран за претседател на Управниот одбор на Меѓународниот балкански универзитет
Одлуката е донесена на годишниот состанок на Одборот на доверители на Фондацијата „ÜSKÜP“ и Управниот одбор, кој се одржа на 7 февруари 2026 година во Истанбул
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) го именуваше Билал Суџубаши за нов претседател на Управниот одбор (УО), пренесува Анадолу.
Според Универзитетот, со ова именување започнува нова фаза во развојот на институцијата, насочена кон унапредување на квалитетот на образованието и зајакнување на меѓународната соработка.
Одлуката беше донесена на годишниот состанок на Одборот на доверители на Фондацијата „ÜSKÜP“ и Управниот одбор, кој се одржа на 7 февруари 2026 година во Истанбул.
На состанокот беа избрани и нови состави на Управниот и Надзорниот одбор. Нови членови на УО на Универзитетот се и Ајдован Адемоски, Есер Џевахир, Салих Мурат, Мурат Киркан, Сулејман Каракуш и Кенан Мазлами.
Во знак на признание за долгогодишниот придонес, досегашниот претседател Реџеп Сулејман Оздил беше именуван за почесен претседател.
„Со оваа одлука, Универзитетот добива раководство со силна академска визија, меѓународно и локално искуство, како и со јасна определба за унапредување на квалитетот во високото образование. Новото раководство ќе работи на понатамошна интернационализација, модернизација на наставните програми и унапредување на студентскиот стандард“, стои во соопштението.
Суџубаши има повеќедецениска кариера во банкарскиот сектор, образованието и во унапредувањето на локалната и регионалната бизнис-заедница. Од 2017, па до август 2025 година ја извршуваше и функцијата главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. Потоа, тој беше назначен за главен извршен директор на новата Халк Катилим Банка во Турција.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
