Хепатитис - „тивок убиец“ со кој живеат 325 милиони луѓе
- Хепатитот Б и Ц, познати како „тивки убијци“, се втора најсмртоносна инфективна болест и покрај тоа што можат да се спречат, откријат и излечат.

АНКАРА
Секој 28 јули во светот се одбележува Светскиот ден за борба против хепатитисот, со цел да се подигне свеста кај луѓето за значењето на вирусниот хепатитис, првенствено хепатитисот Б и Ц, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хепатитот Б и Ц, познати како „тивки убијци“, се втора најсмртоносна инфективна болест и покрај тоа што можат да се спречат, откријат и излечат.
Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), хепатитисот годишно предизвикува смрт на повеќе од 1,3 милиони жители во светот, што е повеќе од смртноста од ХИВ/АИДС, туберкулоза и маларија.
СЗО проценува дека во светот околу 325 милиони луѓе се инфицирани од вирусот на хепатитис Б и Ц, а не го знаат тоа, бидејќи болеста најчесто нема видливи симптоми.
Хепатитисот Б може успешно да се спречи со вакцинирање, додека хроничниот хепатитис Ц денеска може да се излекува, благодарение на лековите од новата генерација.
Тема на овогодинешниот Светски ден за борба против хепатитисот на СЗО е „Тестирај. Лекувај. Хепатитис“, а слоганот на кампањата за одбележувањето на Светскиот ден за борба против хепатитисот на СЗО е „Пронајди ги изгубените милиони“, што ја пренесува пораката за важноста на превенцијата, тестирањето, раното откривање и лекување на вирусниот хепатитис.
Новото истражување на СЗО покажа дека со инвестирање на 6 милијарди долари во сузбивањето на хепатитисот, во 67 земји од светот со ниски и средни приходи би можеле да се спречат 4,5 милиони случаи на предвремена смртност до 2030 година.
Таквите податоци на СЗО не наидоа на разбирање, бидејќи во 2016 година се собрани само 500 милиони долари за превенција.
Вирусниот хепатитис Б и Ц се пренесуваат преку крв или полов однос и често имаат благи или никакви симптоми, но кога ќе преминат во непрепознатлива хронична болест, кај дел од болните предизвикуваат цироза и рак на црниот дроб.
„Вакцинацијата и редовната лекарска контрола се важни за секого. Луѓето мора да сфатат дека поголемиот дел од заболувањата на црниот дроб и рак на црниот дроб се предизвикани од овој вирус, така што пациентите мора да реагираат бргу“, изјави за АА Џан Озгур, специјалист за внатрешни болести.
Светскиот ден за борба против хепатитисот се одбележува на денот на раѓањето на Барух Бламберг, американски научник заслужен за откривање на хепатитисот Б и развојот на вакцината против овој вирус, за што во 1976 година му беше доделена Нобелова награда.