Агенција Анадолија ги сними деветте бебиња родени во Мароко: „Нивното здравје е добро“
„За време на операцијата видовме дека има 9 бебиња и многу се збунивме. Тоа беше изненадување и за нас. Но, како екипа што ќе ја изврши операцијата, бевме подготвени и за сите сценарија...“

РАБАТ (АА) - ХАЛИД МЕЏДУБ –
Мајка по потекло од Мали роди деветка во Казабланка, Мароко. Мајката и сите бебиња се во добра здравствена состојба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мајката Халиме Сиси (25) на 30 март била испратена во Мароко за да се следи нејзината здравствена состојба откако на прегледите спроведени во Бамако, главниот град на Мали, било утврдено дека носи 7 бебиња.
Сепак, мајката од Мали родила 9 бебиња наместо 7 бебиња откриени од здравствениот персонал на прегледите.
Планирано е мајката Сиси да биде набљудувана на Одделот за интензивна нега до четврток, со цел да се следи нејзината здравствена ситуација.
- Голем интерес од страна на медиумите -
Екипата на АА ги сними деветте новороденчиња кои се родија во болницата. Пред здравствената установа во Казабланка има голем број медиуми кои се заинтересирани за реткиот случај. Исто така, за здравствената состојба на мајката и деветте бебиња интензивно работат лекари, медицински сестри и негуватели.
Мајката која доживеа едно различно искуство е многу среќна, среќата се чита од нејзиното лице. Деветте браќа и сестри кои се родени во средата се наоѓаат во друга просторија на посебни кревети.
Малите и нежни бебиња предизвикуваат насмевка кај лекарите, медицинските сестри и оние кои имаат можност да ги видат.
- „Операцијата се одвиваше под добри и соодветни услови“ -
Специјалистот по гинекологија и акушерство, проф. д-р Језид Мурад, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) истакна дека мајката Сиси се пријавила во здравствената установа пред пет недели и дека оттогаш како екипа од доктори вложиле големи напори за развој на бебињата во матката.
„На госпоѓата ѝ беше кажано за можните проблеми кои можат да настанат при породувањето откако беа направени прецизни испитувања и анализи. Нејзината здравствена ситуација беше следена внимателно. Операцијата беше спроведена под добри и соодветни услови“, нагласи доктор Мурад.
- „Мајката е во добра здравствена состојба“ -
Истакнувајќи дека утврдиле дека мајката има најмалку 7 бебиња и во болницата во Мали и откако биле префрлени во Мароко, Мурад рече: „За време на овој период, стомакот на мајката порасна многу. Бидејќи оваа ситуација претставуваше ризик и за мајката и за бебињата, решивме породувањето да биде извршено со царски рез.“
„За време на операцијата видовме дека има 9 бебиња и многу се збунивме. Тоа беше изненадување и за нас. Но, како екипа што ќе ја изврши операцијата, бевме подготвени и за сите сценарија. Здравјето на мајката е добро. Таа се држи под 24-часовен надзор, утре ќе ја пренесеме во нејзината соба на клиниката“, нагласи доктор Мурад.
- „Раѓањето на бебињата траеше само 15 минути“ -
Ел Улви Јусуф, директор и анестезиолог на здравствената установа каде што се случи породувањето, исто така, истакна дека интервенцијата на медицинскиот персонал помогнала да се избегнат ризиците што го загрозуваат здравјето на пациентот.
Посочувајќи дека периодот по 25-тата недела од бременоста претставува опасност за бебињата, Улви Јусуф рече:
„Всушност, сакавме да го продолжиме времетраењето на бременоста до 30 недели, но откако започнаа симптомите на раѓањето, решивме да направиме царски рез. Раѓањето на бебињата траеше само 15 минути.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.