Скопје: Потпишан договор за соработка меѓу МАТТО и Истанбулската трговска комора
„Двете страни ги претставија индустриите и констатираа дека заеднички можат да развиваат осигурителни производи...“

СКОПЈЕ (АА) - Здружението на осигурителните куќи во рамките на Истанбулската трговска комора (ИТО) оствари посета на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), во чии рамки е потпишан договор за соработка меѓу МАТТО и ИТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на МАТТО, делегација на седум осигурителни куќи, членки на ИТО, со претседателот на Здружението, Хусејин Дуру, биле пречекани од Ајдован Адемоски, претседател на МАТТО, и Марија Томеска, потпретседател на МАТТО и претседател на УО на Еуролинк.
Се истакнува дека ова е прва посета на претставници на осигурителната индустрија на Турција, и дека посетата е истражувачка за проценка на можноста за соработка и инвестиции, како и проектно партнерство.
„Двете страни ги претставија индустриите и констатираа дека заеднички можат да развиваат осигурителни производи, како што се здравствено осигурување, кое е во подем кај нас, а во Турција доживува експанзија, и осигурување и во областа на штети од земјотреси, кое кај нас не постои, а во Турција е развиено“, се истакнува во соопштението на МАТТО.
Се наведува дека во 2019 година, осигурителната индустрија имала обрт од 12 милијарди евра.
„Турската страна има презентирано онлајн-платформа „Осигурителен инфо центар“ – што ја интегрира цела осигурителна индустрија (економски оператори, производи и цени). Таа се апдејтира на дневна база, со што се постигнува транспарентност како за компаниите, така и за граѓаните, и влијае на регулирањето на овој пазар“, се додава од Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО)
Во овие рамки потпишан е и договор за соработка меѓу МАТТО и Истанбулската трговска комора (ИТО).