8 Септември - 30 години независна Северна Македонија
Република Северна Македонија одбележува 30 години независност, како држава членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО, и како држава посветена на својата аспирација да стане членка и на ЕУ

СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА -
Република Северна Македонија одбележува 30 години независност, како држава членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО, и како држава посветена на својата аспирација да стане членка и на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија настана како резултат на низа политички немири и судири во почетокот на деведесеттите години од 20 век.
- Патот на независноста -
По распадот на поранешната држава СФР Југославија, се формираа самостојни држави, меѓу кои и тогашната Република Македонија, денес Република Северна Македонија.
Северна Македонија одбележува 30 години самостојност и независност по успешно спроведениот референдум одржан на 8 септември 1991 година, а на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Над 95 проценти од граѓаните што излегоа на референдумот позитивно одговорија на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.
Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првиот повеќепартиски македонски Парламент. Како важен чекор за државата следуваше усвојувањето на новиот Устав, на 17 ноември 1991 година.
По прогласувањето на независноста, меѓу првите држави што ја признаа државноста на Македонија беа Турција и Бугарија, како и Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина, а потоа и други држави.
По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, Киро Глигоров беше избран за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година.
Државата монетарно се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја армија, која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација.
Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија (БЈРМ/FYROM).
- Преговорите со Грција за решавање на спорот за името -
Во текот на годините, преговорите за решавање на проблемот за името со Грција одвреме-навреме продолжуваа и престануваа, а се обновија по промената на власта во земјава, кога во 2017 година на власт дојде Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), предводен од актуелниот премиер Зоран Заев.
Преговорите помеѓу Скопје и Атина се актуализираа по првата средба на Заев со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, за време на Самитот во Давос во јануари 2018 година.
По одржувањето на преговорите за решавање на спорот за името, што се водеа под покровителство на Обединетите нации (ОН), беше постигнат Договорот за решавање на спорот за името и стратешко партнерство познат како Преспански договор, што беше потпишан во месец јуни 2018 година на грчката страна од Преспанското Езеро.
Според овој договор, земјата го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија, а по потпишувањето на Договорот следуваа чекорите за неговото спроведување, како што се одржувањето референдум во Северна Македонија, што се одржа во септември 2018 година. Прашањето на референдумот беше „Дали сте за НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“.
На референдумот излегоа 36,91 отсто од вкупниот број гласачи, со што не беше постигнат потребниот цензус за излезност од 50 отсто од вкупниот број регистрирани гласачи. Од гласачите што излегоа на референдумот, 91,46 отсто гласаа „за“. Потоа, во Собранието со двотретинско мнозинство беа изгласани уставните измени, со цел промена на уставното име.
Исто така, Договорот беше ратификуван и во Парламентот на Грција, а потоа следуваа и наредните фази предвидени од Договорот и унапредувањето на односите на овие две соседни земји, кои со Преспанскиот договор го решија повеќедеценискиот спор и отвореното прашање што беше бариера за евроатлантските интеграции на земјата.
- Патот на Северна Македонија кон НАТО -
Членството во најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО, во изминатите години беше стратешка цел на земјата. Во 1999 година, на Самитот во Вашингтон, Македонија стана кандидат за полноправно членство во НАТО.
Откако стана кандидат за членство во НАТО, земјата беше најблиску до влезот во оваа алијанса на Самитот што се одржа пред 12 години во Букурешт. Тогаш, во 2008 година, беше оценето дека земјата е целосно подготвена да ја добие поканата, но Грција го употреби правото на вето и го услови влезот на Македонија со решавањето на деценискиот спор за името, што беше најголемата пречка во процесот на зачленување.
По постигнувањето на Преспанскиот договор се отворија вратите на земјата за напредок на евроатлантскиот пат. Во јули 2018 година, земјата доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори.
Земјите членки на НАТО во февруари 2019 година го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, а потоа парламентите на сите членки на Алијансата го ратификуваа Протоколот за пристапување, со што земјата на 27 март 2020 година и официјално стана 30. членка на Алијансата.
Решавањето на отворените прашања со соседите беа клучните точки на кои работеше Владата во изминатите години, со цел отворање на перспективите во поглед на интеграциите во НАТО и ЕУ.
Освен Договорот за решавање на спорот за името со Грција, во август 2017 година беше потпишан Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и нејзиниот источен сосед, Бугарија.
Договорот има за цел да ја развие соработката меѓу двете соседни земји, како и да се дојде до усогласување за одредени прашања од историјата. Според Договорот, формирана е Заедничка експертска комисија која треба да постигне согласност за историографските факти и документи што се однесуваат на заеднички историски настани и личности, меѓу кои и за Гоце Делчев.
- Членството во ЕУ како стратешка цел -
Исто така, и членството во ЕУ за Северна Македонија е врвен приоритет. Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што ги регулира односите на земјата со ЕУ, беше потпишана на 9 април 2001 година.
Во 2005 година земјата доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Унијата.
Со долгогодишниот фокус на македонската надворешна политика кон членството во ЕУ како стратешка цел, а особено по склучувањето за Договорот за решавање на спорот за името со Грција, властите во Северна Македонија најавуваа дека земјата ќе добие одлука за почнување пристапни преговори за членство во ЕУ, но тоа не се случи.
Ваквата одлука на ЕУ наиде на разочарување кај политичките актери во Северна Македонија. Премиерот Зоран Заев ја окарактеризира како голема неправда одлуката за недобивање почеток на преговорите, истакнувајќи дека Северна Македонија е „жртва на историска грешка на ЕУ“.
Оваа одлука на ЕУ, што беше резултат на немање консензус помеѓу земјите членки на Унијата и на особено изразеното противење на Франција, која се спротивставуваше на носењето одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, доведе до промена на методологијата за водење на пристапните преговори за членство во ЕУ. Потоа, само неколку месеци подоцна, односно во март месец 2020 година, ЕУ ја објави својата официјална одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
Сега останува Европската Унија да го одреди точниот датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија и за отворање на првите поглавја од преговорите.
- Вето на Бугарија -
Во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ во септември минатата година, Бугарија им испратила на земјите членки на ЕУ објаснувачки меморандум, што се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија. Софија бараше поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.
Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и се смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт што „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.
Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст, и како што се вели во меморандумот, да раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија.
Што се однесува до македонскиот јазик, Бугарија во меморандумот споделен со земјите членки на ЕУ нагласува дека „македонскиот јазик или идентитет не постоеле до 2 август 1944 година“, и дека тие се создадени со цел да се поделат односите меѓу народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија смета дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот јазик.
На 17 ноември минатата година, по одржаната онлајн конференција на министрите за европски и надворешни работи на земјите членки на ЕУ, тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, соопшти дека нејзината земја ставила вето на преговарачката рамка на Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Таа, меѓу другото, изјави: „Држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ.“
Владата на Република Северна Македонија го оцени ветото од Бугарија ставено на почетокот на преговорите на земјата со Европската Унија како „неодговорна геостратешка грешка“, порачувајќи дека „македонската иднина е европска“.
Премиерот Зоран Заев во јули годинава оствари посета на Бугарија, во чии рамки се состана со претседателот на службената Влада на Бугарија, Стефан Јанев.
Заев на прес-конференцијата со Јанев нагласи дека оваа средба е исчекор кон изнаоѓање решение и е насочена да биде од интерес за двете страни, упатувајќи апел до народот во Бугарија преку своите лидери да продолжи со поддршката за Северна Македонија на патот кон нејзиното членство во ЕУ.
Меѓу другото, Јанев нагласи дека Бугарија ја поддржува Северна Македонија на патот кон европското семејство и дека во овој момент има прозорец на можности за отворен и искрен дијалог.
- По 19 години попис на населението -
На 21 јануари 2021 година, со 62 гласа „за“ , без „воздржани“ и без „против“, Собранието на Северна Македонија го донесе Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година, што беше предвидено да се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година.
Од први март започнa пописот и тоа во конзуларните претставништва со попишување на нашите дипломати и нивните семејства, во првите 15 дена од март почна и процесот на самопопишување на граѓаните што се дел од дијаспората, односно што се наоѓаат надвор од земјата, а кои ќе бидат попишани како нерезидентно население на државата.
Премиерот и лидер на СДСМ, Заев, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 29 март постигнаа договор, поради екот на пандемијата, пописот од април да се одложи за септември, поточно од 5 до 30 септември, додека Собранието на Северна Македонија на 2 април ги усвои законските измени за одложување на пописот.
Пописот започна на 5 септември и во него се вклучени 5.000 попишувачи, 500 реонски инструктори и 150 државни инструктори, а територијата на државата е поделена на 50 пописни региони.
Од друга страна, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на 6 август ги распиша локалните избори што ќе се одржат на 17 октомври 2021 година.
- Иницијатива „Отворен Балкан“ -
По Економскиот форум за регионална соработка, што на 27 јули се одржа во Скопје, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија, Еди Рама, одржаа заедничка прес-конференција, на која ја именуваа како „Отворен Балкан“, таканаречената иницијатива „Мини Шенген“.
Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина моментално не ја поддржуваат оваа иницијатива зашто сметаат дека е без јасни цели за регионот, додека трите земји учеснички во иницијативата велат дека крајната цел на оваа иницијатива е заедничка ангажираност во елиминирање на сите пречки за слободно движење на луѓето, стоката, услугите и капиталот.
- Состојбата со Ковид-19 и вакцините против пандемијата -
На 17 февруари 2021 година започна процесот на вакцинација против Ковид-19. Досега во земјата се аплицирани над 1.3 милиони дози вакцини против Ковид-19 од различни производители. Северна Македонија во овој период доби донација на вакцини од различни земји и организации, меѓу кои и од Турција. Властите во земјата ја продолжуваат непрекинатата борба против оваа пандемија.
- Засолнување на авганистанските цивили -
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија на 19 август информираше дека успешно е завршен процесот на евакуација од Авганистан на сите државјани на Република Северна Македонија.
Првата група авганистански државјани, што се привремено сместени во Северна Македонија, пристигна на 31 август преку Тбилиси. На Меѓународниот аеродром Скопје пристигнаа 149 Авганистанци, меѓу кои и жени и деца. Станува збор за Авганистанци што работеле за меѓународни организации и за членови на нивните семејства.
- ЕУРО 2020 -
Македонската фудбалска репрезентација за прв пат во историјата се пласираше на Европско фудбалско првенство (ЕУРО 2020).
Северна Македонија се наоѓаше во групата Ц заедно со Холандија, Украина и Австрија. Македонската репрезентација во трите натпревари беше поразена, и се наоѓаше на последното место во групата.
По 30 години независност, Република Северна Македонија е активна членка на НАТО, со што ја исполни едната од двете стратешки цели, а останува да го изоди патот на интегрирањето во Европската Унија, што е втората стратешка цел на државата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.