Балкан

Во Скопје се одржа Генералното собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции – Југоисточна Европа

„Во услови на глобална поврзаност, тие не само што информираат, туку и инспирираат, обединуваат и создаваат клима за просперитет“, истакна премиерот Мицкоски во своето обраќање

Dzihat Aliju  | 03.09.2025 - Обновена : 03.09.2025
Во Скопје се одржа Генералното собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции – Југоисточна Европа Фото: Ahmet Nurduhan/AA

СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа Генералното собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции – Југоисточна Европа (АБНА-ЈИЕ), чиј домаќин е Медиумско-информативната агенција (МИА), официјалната новинска агенција на Северна Македонија, јавува Анадолу.

Пред овогодинешното 33-то Генерално собрание се одржа конференција насловена „Откривање на вистината во новинарството“.

На свеченото отворање, на кое присуствуваше премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, учествуваа и мандатниот претседател на АБНА-ЈИЕ и претседател на Управниот одбор и извршен директор на Анадолу, Сердар Караѓоз, домаќинот, односно претседателот на Управниот одбор и генерален директор на МИА, Дарко Јаневски, претставници од новинските агенции членки на АБНА-ЈЕ, координаторот за Академија и публикации на АА, Јахја Бостан, и директорот за надворешни односи на АА за стратешки комуникации, Билгехан Озтурк.

Во својот говор, премиерот Мицкоски рече дека новинските агенции секој ден ја пишуваат првата страница на вистината.

Нагласувајќи дека должноста на новинските агенции не е само да ги пренесуваат вестите, туку да создаваат јавна меморија, да градат доверба и да ја одржуваат демократијата жива, Мицкоски додаде:

„Денес, повеќе од кога било, медиумите се столб на демократските општества. Во услови на глобална поврзаност, тие не само што информираат, туку и инспирираат, обединуваат и создаваат клима за просперитет.“

- „На сите новински агенции денес им ја препорачавме Линијата за утврдување факти како добра апликација“ -

Генералниот директор на АА, Сердар Караѓоз, во разговор со новинарот на Анадолу, потсети дека АА веќе два мандата претседава со АБНА-ЈИЕ и додаде дека своите должности ќе ѝ ги предадат на МИА.

Истакнувајќи дека во рамките на програмата разговарале за проблемите и иднината на балканските новински агенции, како и поврзаните прашања, Караѓоз посочи дека за време на состаноците се одржала конференција на која се разговарало за точното известување.

Истакнувајќи дека АА имплементирала добра апликација и дека за тоа ги информирала сите балкански новински агенции и сите новински агенции членки на Асоцијацијата, Караѓоз посочи:

„Линијата за утврдување факти потврдува или негира голем дел од содржината произведена во ерата на социјалните медиуми во која живееме. Имаме механизам за ова. Голем број од нашите уредници станаа експерти во оваа област. Преку Линијата за утврдување факти (AA) можеме да откриеме дали некоја вест е измислена или не. На сите новински агенции денес им ја препорачавме Линијата за утврдување факти како добра апликација.“

Караѓоз нагласи дека против дезинформациите и манипулациите мора да се бориме повеќе од кога било, „бидејќи секој со едноставен телефон може да произведе содржина и овие содржини во повеќето случаи се манипулативни“.

Извршниот директор на АА истакна дека сите новински агенции треба да се борат против оваа проблематика.

- „Додека геноцидот во Газа продолжува, се спроведува и огромна манипулација“ -

Посочувајќи дека во Газа се спроведува геноцид, Караѓоз истакна:

„Додека геноцидот во Газа продолжува, се спроведува и огромна манипулација и дезинформации. Од кого? Од хегемонистички сили кои имаат моќ да ја контролираат содржината. Што можеме да направиме во врска со овие хегемонистички сили во медиумскиот свет? Секој од нас, како новинска агенција, како независни новински агенции, можеме да воспоставиме механизми за верификација, механизми за проверка на факти.“

Караѓоз истакна дека Израел се обидува да го прикрие својот геноцид низ целиот свет преку дезинформации и манипулации, и дека ова би можело да биде разоткриено од новинските агенции.

Во своето обраќање Караѓоз се осврна и на важноста на темата на конференцијата и со учесниците сподели неколку водечки принципи на заедничките мисии.

Директорот на МИА, Јаневски, ја нагласи важноста на новинарството и неговите извори и додаде:

„Должноста на современото новинарство не е само да информира, туку и да ја открива вистината, да ги разоткрива лагите и сето ова да го ѝ го презентира на јавноста“.

Кирил Валчев, генерален директор на Бугарската новинска агенција (БТА), рече дека новинските агенции треба уште повеќе во преден план да ги стават своите архиви и додаде:

„Знам дека сите поседуваме вредни слики и текстуални елементи на различни нивоа. За да можеме да имаме повеќе информации за контекстот и заднината на секоја приказна, би било многу корисно за нашата Асоцијација да има платформа за споделување на различни елементи од нашите архиви.“

- МИА го презеде претседателството -

Во рамките на Генералното собрание, претседателот на Управниот одбор на АА, Сердар Караѓоз, му го предаде претседателството со Асоцијацијата на балкански новински агенции на претседателот на Управниот одбор и генерален директор на МИА, Дарко Јаневски.

На минатогодишното Генерално собрание во Истанбул, беше одлучено, по Северна Македонија, состаноците на Генералното собрание во 2026 и 2027 година да се одржат во Италија и Босна и Херцеговина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.