политика, Балкан

Сиљановска-Давкова - Милатовиќ: Целосна интеграција на Балканот е неопходна за силна ЕУ

„Регионалната соработка е не само наша обврска, туку е право и меѓусебната поддршка на земјите од Западен Балкан е императив. Ако не се почитуваме, не се разбираме меѓусебно, сами си го отежнуваме патот кон ЕУ“

Elena Trenchevska Chekovic  | 31.03.2026 - Обновена : 01.04.2026
 Сиљановска-Давкова - Милатовиќ: Целосна интеграција на Балканот е неопходна за силна ЕУ Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) – Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека односите со Црна Гора претставуваат пример за регионално добрососедство и соработка, како билатерално, така и во рамките на НАТО, јавува Анадолу.

Црногорскиот претседател Милатовиќ во официјална посета на Северна Македонија

По средбата со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој престојува во официјална посета на земјата, Сиљановска-Давкова нагласи дека денешната средба дополнително ја зацврстила меѓусебната доверба.

„Она што за двајцата беше ново е потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу младинските совети и очекувам овој меморандум да внесе свежина и креативност во нашите односи“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека заедничка цел е стабилен и просперитетен регион интегриран во Европската Унија, додавајќи дека претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан во Црна Гора е доказ дека членството на регионот може да стане реалност.

„Целосната интеграција на Балканот е неопходна за навистина ЕУ да биде заедница што инспирира и што е целосна. Регионалната соработка е не само наша обврска, туку е право и меѓусебната поддршка на земјите од Западен Балкан за мене е императив. Ако не се почитуваме, не се разбираме меѓусебно, сами си го отежнуваме патот кон ЕУ“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа додаде дека со Милатовиќ се согласиле оти економската соработка треба да се интензивира, особено во секторите туризам, енергетика, градежништво, како и преку повторно воспоставување авиолинии на релација Скопје-Подгорица и Скопје-Тиват.

Од своја страна, Милатовиќ рече дека во Северна Македонија доаѓа „како пријател кај пријатели“.

„Доаѓам како пријател кај пријатели, дури и како брат во една братска држава и благодарам поради тоа. Нашите две држави ги поврзува искрено пријателство, заемна почит, а нашите билатерални односи се пример за добрососедска соработка во регионот“, рече Милатовиќ на заедничката прес-конференција.

Тој посочи дека двете земји ги поврзува и длабока историска блискост, потврдена со меѓусебна солидарност и поддршка.

„Праќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка. Го цениме фактот дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора и тоа стана цврст темел за развој на нашите дипломатски и политички односи“, нагласи Милатовиќ.

Црногорскиот претседател нагласи дека европската перспектива е клучна за двете земји, истакнувајќи ја поддршката за евроинтегративниот пат на Северна Македонија.

„Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и полна поддршка. Црна Гора има цел да станеме 28. држава членка на ЕУ и со тоа да покажеме дека европската перспектива на овој регион не е само сон туку и реалност“, порача Милатовиќ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.