политика, Балкан

„Да немаме илузии дека може да постои човек во светот кој ќе го разубеди францускиот претседател“

Пред заминувањето за Париз, на средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, која ќе се одржи на 12 ноември, Пендаровски се осврна на очекувањата од тој состанок

Husamedin Gina   | 08.11.2019
„Да немаме илузии дека може да постои човек во светот кој ќе го разубеди францускиот претседател“ (Foto: Husamedin Gina/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) – „Да нема никој илузии дека може да постои човек на светот кој ќе го разубеди францускиот претседател да ни даде датум за преговори за две или три недели“, истакна претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, јавува Anadolu Agency (AA).

Пендаровски ова го рече во изјава за новинарите по отворањето на меѓународната изложба МАКИНОВА 2019 и ЕКОНОВА 2019.

Пред заминувањето за Париз, на средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, која ќе се одржи на 12 ноември, Пендаровски се осврна на очекувањата од тој состанок.

Посочувајќи дека Северна Македонија е мала држава, претседателот Пендаровски рече дека ниту Америка, ниту Германија, никој не може да го убеди францускиот претседател да го смени неговото мислење во врска со добивањето на датумот на земјата за почнување пристапни преговори за членство во ЕУ.

„Да нема никој илузии дека може да постои човек на светот кој ќе го разубеди францускиот претседател да ни даде датум за преговори за две или три недели. Да сме на чисто, ние сме мала држава, имаме силни аргументи кои ќе бидат кажани на таа средба, меѓутоа да не одиме со големи очекувања, затоа што ве уверувам дека ни Америка, ни Германија, никој никогаш не може да го убеди претседателот на Франција, сосема небитно какво е неговото име“, нагласи Пендаровски.

Тој, потсетувајќи дека Франција со заминувањето на Британија е единствена нуклеарна сила во Европската Унија (ЕУ) и дека е постојана членка на Советот за безбедност, истакна дека Франција има два и пол века демократија од која ние и ден-денес учиме.

Исто така, претседателот на Северна Македонија рече дека политиката која е образложена на последниот европски самит од страна на Макрон, колку е да не ни се допаѓа, е обмислена и сосема се во ред неговите забелешки дека последните држави кои влегоа во ЕУ навистина не беа на нивото на старите земји членки.

Наведувајќи дека Северна Македонија 14 години се подготвува за преговори, Пендаровски рече дека земјата со сите тимови, во сите 35 поглавја е подготвена да се справи со принципите и стандардите на ЕУ.

Пендаровски, додавајќи дека Северна Македонија во изминатиот период испорача сѐ што се бараше, нагласи:

„Ја почитуваме одлуката на францускиот претседател, неговиот резон, неговите аргументи на октомврискиот самит на ЕУ, подготвени сме да кажеме во ред, променете ја методологијата, не е проблем, меѓутоа ние сакаме да знаеме кога отприлика би било тоа, и навистина да почнеме со тој процес кој е, знаете и сами, години и години долг.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın