Балкан

Шест пожари активни во Северна Македонија, 38 интервенции на отворено во изминатoто деноноќие

– Вкупно 38 пожари на отворен простор се евидентирани во текот на изминатото деноноќие во Северна Македонија. Шест сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а останатите 27 се целосно изгаснати, информираше Центарот за управување со кризи

Aida Cako  | 22.07.2025 - Обновена : 23.07.2025
Шест пожари активни во Северна Македонија, 38 интервенции на отворено во изминатoто деноноќие

СКОПЈЕ (АА) – Вкупно 38 пожари на отворен простор се евидентирани во текот на изминатото деноноќие во Северна Македонија, од кои шест сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а останатите 27 се целосно изгаснати, информираше утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК), јавува Анадолу.

Најкритичната состојба е во општините Василево, Радовиш и Берово, каде што пожарите го зафатија пределот околу селата Нивичино, Мал Готен и Малешевските Планини. Таму гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација.

Во Општина Македонски Брод активни се три пожари: еден кај селото Грешница, каде што гори мешана шума и трева, друг помеѓу селата Локвица и Крапа, каде што е зафатена деградирана дабова шума, и трет во месноста Маркова Стапалка кај селото Латово, каде што горат грмушки и сува трева.

Во Општина Прилеп пожар се шири од селото Штавица кон Чумово, Волково и Прилепец, опфаќајќи ниска вегетација и деградирана шума, додека во Општина Желино огнената стихија се движи помеѓу селата Церово и Групчин.

Пет пожари се ставени под контрола, меѓу кои и оние во Општина Ресен, помеѓу селата Шурленци и Езерани, во Дојран кај селото Николиќ, како и во велешките села Џидимирци, Крушје и Иванковци.

Стабилизирана е состојбата и во Гостивар кај селото Симница, и во Прилеп, на Радобилскиот Рид.

Изгаснати се вкупно 27 пожари во различни општини низ државата, главно на мали површини со сува трева, отпад и ниска вегетација. Пожари биле забележани и во околината на Скопје, Куманово, Струмица, Гевгелија, Кратово, Брвеница и други населени места.

Високите температури, кои денеска, според УХМР, достигнуваат до 42 степени Целзиусови, заедно со сувото време и засилениот ветер од југозапад, дополнително ја усложнуваат ситуацијата и го зголемуваат ризикот од појава и ширење на нови пожари.

Надлежните служби остануваат во состојба на готовност, додека се преземаат активности за локализирање и гаснење на активните пожари.

Управата за хидрометеоролошки работи на Северна Македонија (УХМР) предупреди дека во наредните денови температурите низ целата земја ќе достигнат рекордни нивоа.

„До сабота (26.07) ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и насекаде ќе биде над просекот за месец јули“, соопшти УХМР.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.