Балкан

Турската полиција стационирана во Србија спаси од смрзнување нерегуларни мигранти скриени под шлеперите

Нерегуларните мигранти, двајца Мароканци и двајца Сомалијци, што се криеле под шлеперите, спасени се од смрзнување благодарение на вниманието на турските полицајци

Aykut Karadağ, Sertaç Bulur  | 20.01.2021 - Обновена : 22.01.2021
Турската полиција стационирана во Србија спаси од смрзнување нерегуларни мигранти скриени под шлеперите

АНКАРА (АА) - АЈКУТ КАРАДАГ / СЕРТАЧ БУЛУР -

Во рамките на проектот „Пат кон татковината“ на Дирекцијата на турската полиција, на граничните премини во Србија на должност се распоредени турски полицајци. Благодарение на нивната внимателност, спасени од под приколката на еден шлепер се 4 нерегуларни мигранти што биле пред смрзнување поради ниските температури.

Според информациите до кои дојде Агенција Анадолија (АА), во рамките на проектот што го спроведуваат Турција и Србија, претставниците на турската полиција распоредени се на должност на копнените гранични премини во Србија, при што од една страна им помагаат на турските иселеници во граничните процедури при нивното враќање во татковината, а од друга страна вложуваат напори да ги спречат нерегуларните миграции и патувањата со лажни документи.

Во тие рамки, турската полиција на Граничниот премин „Батровци“ ги забележа нерегуларните мигранти што планирале да ги минат граничните премини држејќи се за долниот дел од приколките на 2 шлепери на приватна турска компанија, што требало да преминат во Хрватска.

Нерегуларните мигранти, двајца Мароканци и двајца Сомалијци, што се криеле под шлеперите, спасени се од смрзнување благодарение на вниманието на екипите.

По интервенција на првата помош, нерегуларните мигранти ѝ се предадени на српската полиција.

Се дознава дека турските возачи на камиони го продолжиле патот без да бидат казнети.

- Турската полиција во служба на иселениците на „Патот кон татковината“ -

На состанокот помеѓу министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, и српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, на 20 февруари 2019 година, во рамките на 6-тата министерска конференција во Процесот во Будимпешта, беше одлучено да се спроведе проектот „Патот кон татковината“, кој вклучува и распоредување на турски полицајци на граничните премини во Србија што многу интензивно се користат од страна на турските граѓани.

Во рамките на проектот, турската полиција во 2019 година ги реши проблемите на 321.435 турски државјани и возачи на шлепери, а во 2020 година на 421.556 лица.

Српската полиција во соработка со турската полиција интервенираше во 175 обиди за илегално преминување на границата од страна на нерегуларни мигранти сместени во или под приколките на шлеперите во 2020 година. Благодарение на внимателноста на екипите, од почетокот на годината досега фатени се 10 нерегуларни мигранти.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.