економија, Балкан

Турската компанија „Казанџи Холдинг“ ќе инвестира 1 милијарда евра во енергетскиот сектор во Северна Македонија

„Со потпишувањето на овој меморандум со ‘Казанџи Груп’, отвораме простор за реализација за значаен стратешки проект“, истакна премиерот Христијан Мицкоски

Hümeyra Ayaz  | 22.07.2025 - Обновена : 23.07.2025
Турската компанија „Казанџи Холдинг“ ќе инвестира 1 милијарда евра во енергетскиот сектор во Северна Македонија

АНКАРА (АА) – Турската компанија „Казанџи Холдинг“ потпиша меморандум за разбирање вреден 1 милијарда евра со Владата на Република Северна Македонија, кој има за цел зајакнување на енергетската инфраструктура на земјата, намалување на загадувањето на воздухот и намалување на трошоците за енергија, јавува Анадолу.

Во соопштение на компанијата, која е главно активна во енергетскиот сектор, инвестицијата што ќе ја спроведат компаниите од групацијата „Акса“ има за цел да обезбеди решенија за енергетските потреби на земјата и да го забрза преминот кон еколошки решенија.

Договорот, кој беше потпишан на церемонија со која претседаваа претседателот на одборот на „Казанџи Холдинг“, Џемил Казанџи, и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, претставува конкретен резултат на конструктивниот дијалог и фокусираните преговори што се водат веќе долго време, истакна компанијата.

„Со потпишувањето на овој меморандум со ‘Казанџи Груп’, отвораме простор за реализација за значаен стратешки проект, вреден до една милијарда евра инвестиција што ќе има реално, практично и долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата. Проектот предвидува три главни компоненти: Развој на нови капацитети за производство на електрична енергија; Изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас; Како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас“, истакна премиерот Мицкоски.

Изразувајќи го своето задоволство од потпишувањето на меморандумот со Владата на Северна Македонија, Џемил Казанџи, претседателот на одборот на „Казанџи Холдинг“, истакна:

„Овој проект претставува важен и охрабрувачки чекор во развојот на стратешки партнерства во енергетскиот сектор“.

Казанџи додаде дека проектот моментално е во фаза на обемно планирање.

„Во наредниот период ќе започнеме студии за изводливост за да ја процениме техничката, економската и еколошката изводливост. Оваа инвестиција од околу 1 милијарда евра, која вклучува развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и постигнување на безбедност во снабдувањето, ќе придонесе не само за енергетската одржливост на Северна Македонија, туку и на Балканот како целина. Ние ја гледаме Северна Македонија како стратешки центар што ќе ни помогне да ја зајакнеме регионалната соработка во областа на енергетиката“, изјави Казанџи.

Тој исто така нагласи дека преку оваа инвестиција ќе се создаде инфраструктура што ќе овозможи дистрибуција на природен гас до домаќинствата и дека со одржливи еколошки решенија ќе се зајакне борбата против загадувањето на воздухот. „Освен намалувањето на трошоците за енергија, со задоволство го носиме нашиот пристап фокусиран на еколошката одржливост и локалниот развој во Северна Македонија“, изјави Казанџи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.