политика, Балкан

Собранието на Северна Македонија ја изгласа новата Влада предводена од Христијан Мицкоски

„Потребна е работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти“, истакна новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски

Abdula Berisha  | 23.06.2024 - Обновена : 25.06.2024
Собранието на Северна Македонија ја изгласа новата Влада предводена од Христијан Мицкоски Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Северна Македонија со 77 гласа „за“ и 22 „против“ ја избра новата Влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавува Анадолу.

Според законите, за да се избере нова Влада потребно е за неа да гласа мнозинството од вкупниот број на пратеници, односно најмалку 61 од вкупно 120 пратеници.

Согласно собранискиот Деловник, пленарната седница почна вчера и дебатата можеше да трае најмногу два дена.

При крајот на дебатата, опозицискиот „Европски Фронт“, кој освои 18 мандати, ја напушти седницата и не учествуваше во гласањето, со обвинување дека новата Влада го нема легитимитетот на етничките малцинства.

Најголемата опозициска партија, СДСМ, воглавно упатуваше критики дека предизборните ветувања не се опфатени во владината програма, но и дека новата Влада може да ја наруши меѓународната позиција на земјата со можното непочитување на меѓународните договори постигнати со соседните земји.

Новоизбраниот премиер во своето обраќање пред пратениците непосредно пред гласањето им се заблагодари на сите пратеници за нивните критики, додавајќи дека на граѓаните им е доста од политичките надмудрувања.

„Потребна е работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти. Јас тоа го ветувам денес овде пред вас повторно. Државата ќе биде во рацете на граѓаните и сите институции ќе работат и создаваат за граѓаните. На граѓаните им е потребен фокус на нивните реални проблеми и предизвици“, рече Мицкоски.

Потсетуваме дека на парламентарните избори одржани на 8 мај дотогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места. Коалициони партнери во новата Влада ќе бидат и Коалицијата ВЛЕН (Вреди) која има 14 пратенички мандати и Движењето ЗНАМ со шест пратенички мандати.

- Само три дами во новиот владин состав -

Новата Влада на Северна Македонија ќе има вкупно 24 члена, вклучувајќи го и претседателот на Владата и петте вицепремиери. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од Движењето ЗНАМ. Во новиот владин состав ќе има само три дами.

Ова се членовите на новата Владата:

Претседател на Владата: Христијан Мицкоски.

Заменик претседател на Владата и министер за транспорт: Александар Николовски.

Заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање: Изет Меџити.

Заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење: Арбен Фетаи.

Заменик претседател на Владата за политички систем: Љупчо Димовски.

Заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците: Иван Стоиљковиќ.

Министер за одбрана: Владо Мисајловски.

Министер за финансии: Гордана Димитриеска Кочовска.

Министер за надворешни работи и надворешна трговија: Тимчо Муцунски.

Министер за локална самоуправа: Златко Перински.

Министер за информатичко општество и дигитална трансформација: Стефан Андоновски.

Министер за спорт – Борко Ристовски.

Министер за енергетика рударство и минерални суровини: Сања Божиновска.

Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство: Цветан Трипуновски.

Министер за култура и туризам: Зоран Љутков.

Министер за внатрешни работи: Панче Тошковски.

Министер за образование и наука: Весна Јаневска.

Министер без ресор, одговорен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите: Шабан Салиу.

Министер за здравство: Арбен Таравари.

Министер за социјална политика, демографија и млади: Фатмир Лимани.

Министер за европски прашања: Орхан Муртезани.

Министер за економија и труд: Бесар Дурмиши.

Министер за јавна администрација: Горан Минчев.

Министер за правда: Игор Филков.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın