Балкан

Собранието на Северна Македонија ги усвои заклучоците за францускиот предлог

- Од 120 присутни пратеници колку што брои Собранието, на гласањето беа присутни 69. Од нив „за“ гласаа 68 пратеници, а немаше ниту еден против и ниту еден воздржан. Со усвоените заклучоци, треба да се откочат евроинтеграциите на Северна Македонија.

Admir Fazlagikj  | 16.07.2022 - Обновена : 18.07.2022
Собранието на Северна Македонија ги усвои заклучоците за францускиот предлог Фото: Архива / АА

СКОПЈЕ (АА)

Собранието на Северна Македонија ги усвои заклучоците со кои се задолжува Владата да го продолжи процесот со Европската Унија (ЕУ) и да ја усвои преговарачката рамка за пристапните преговори со ЕУ предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).

На 81. Седница на Собранието на Северна Македонија се расправаше по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година. Од 120 пратеници колку што брои Собранието, на гласањето беа присутни 69, од нив „за“ гласаа 68 пратеници, а немаше ниту еден против и ниту еден воздржан. Со усвоените заклучоци треба да се откочат евроинтеграциите на Северна Македонија.

Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, иако присуствуваше на гласањето, не гласаше за усвојувањето на заклучоците.

Пратениците од опозицијата предводени од ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата во Собранието ја напуштија собраниската сала и не гласаа за заклучоците.

Во меѓувреме, додека се дискутираше во Собранието, група граѓани протестираа пред Собранието против францускиот предлог со паролата „Ултиматум, не благодарам“.

Во Собранието пратениците дебатираа три дена за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Во текот на дебатата имаше меѓусебни обвинувања помеѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата, при што на моменти добиваше тензичен контекст.

Од владејачкиот табор истакнуваа дека преговарачката рамка нуди полноправно членство во ЕУ и дека македонскиот јазик и идентитет се загарантирани.

Откако беа изгласани заклучоците во Собранието, прес-конференција одржа лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој истакна дека во „протоколот изречно се содржат барањата за бугаризација“, како и дека „сега бугарските асимилаторски барања за промена на учебниците, за преиначување на историјата стануваат услов за влез во ЕУ и додека тие не се исполнат нема почеток на преговори“.

​​​​​​​„Информацијата која помина во Собранието нема никакво значење затоа што рамката ја усвојува Владата, но затоа обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите во него, нема да помине во македонското Собрание. За тоа гаранција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, изјави Мицкоски и порача: „Уставот нема да се смени, преговарачката рамка нема да биде прифатена.“

Откако се изгласани во Собранието, заклучоците се испраќаат за усвојување до Владата на Северна Македонија.

Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ беше предложена од француското Претседателство со Советот на ЕУ на 30 јуни оваа година.
Почетокот на преговорите на ЕУ со Северна Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата. Една година претходно, односно во 2019 година, европскиот пат на Северна Македонија и Албанија беше блокиран од Франција, која бараше промена на методологијата за пристапните преговори со ЕУ.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.