Скопје: Отворено 17. издание на манифестацијата „Денови на македонскиот мед“
Традиционално во „Деновите на медот“ посетителите ќе можат и да побараат совети од домашните пчелари за употребата и лековитите дејства на медот и производите кои секоја година се нудат на овој вид саем на медот

СКОПЈЕ (АА) – На улица „Македонија“ во центарот на Скопје, денеска официјално беше отворено 17. издание на манифестацијата „Денови на македонскиот мед“, јавува Агенција Анадолија (AA).
На официјалното отворање на манифестацијата учествуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Арјанит Хоџа.
Во своето обраќање, министерот Хоџа истакна дека постојат две научно докажани информации кои доволно зборуваат зошто медот е најздравата храна и најдобриот природен лек.
„Прво, медот никогаш не се расипува и второ, медот е раскошно богат со минерали, витамини и антиоксиданси, што го вбројува во суперхрана и суперлек. Затоа, да се има сопствен, наш мед, а притоа и автохтон вид на македонска пчела, навистина е причина за гордеење“, нагласи министерот Хоџа.
„Министерството“, како што рече Аријанит Хоџа, „силно го поддржува развојот на пчеларството и затоа, субвенцијата за пчелно семејство е покачена од 600 до 800 денари.“
Во рамки на овој настан изложени се повеќе видови мед и пчелни производи од пчелари од различни делови на земјата.
Главен организатор на настанот е Здружението на пчелари „Матица“.
Традиционално во „Деновите на медот“ посетителите ќе можат и да побараат совети од домашните пчелари за употребата и лековитите дејства на медот и производите кои секоја година се нудат на овој вид саем на медот.
Манифестацијата која беше отворена денеска, 23 септември, ќе трае до 26 септември.
Финансиски покровител на манифестацијата е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија.