Балкан

Пожарот во Кочани ја зеде 62. жртва, почина уште еден пациент што се лекуваше во Белград

- Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја зеде 62. жртва. Почина пациент што се лекуваше во Белград, а уште од почетокот беше во критична состојба, соопшти Министерството за здравство на Северна Македонија

Aida Cako  | 17.04.2025 - Обновена : 21.04.2025
Пожарот во Кочани ја зеде 62. жртва, почина уште еден пациент што се лекуваше во Белград

СКОПЈЕ (АА) - Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја зеде 62. жртва. Почина пациент што се лекуваше во Белград, а уште од почетокот беше во критична состојба, соопшти Министерството за здравство на Северна Македонија, јавува Анадолу.

Денес Министерството информираше дека 23-годишниот Стојанче Стефанов од Кочани, кој со тешки изгореници бил пренесен на лекување во Военомедицинската академија (ВМА) во Белград, ја загубил битката со животот.

„Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Военомедицинската академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец. Се работи за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад“, се вели во соопштението на Министерството.

Оттаму се додава дека поради сериозноста на повредите, тој во текот на хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба.

Бројот на жртви од пожарот во Кочани се искачи на 62 лица.

Министерството за здравство изрази најдлабоко сочувство до семејството на Стефанов и до сите блиски на жртвите во оваа несреќа.


- Пожарот во ноќниот клуб во Кочани

На 16 март околу 03:00 часот во дискотека во Кочани избувна пожар предизвикан од пиротехника користена за време концерт на музичка група.

Во пожарот првично загинаа 59 лица, а над 170 беа повредени. Десетици повредени се префрлени на лекување во странство, од кои 12 во Туркије.

Изминатата недела на повредите им подлегнаа две повредени лица кои беа на лекување во Литванија, со што бројот на загинати се зголеми на 61.

По инцидентот е утврдено дека објектот не поседувал валидна лиценца за работа, поради што е отворена истражна постапка против десетици лица, меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.

Полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани ги приведоа и поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски, и градоначалникот во оставка, Љупчо Папазов.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın