Најмалку шест лица загинаа во пожар на автобус во Швајцарија
Кога спасувачките екипи пристигнале на местото на настанот, возилото веќе било целосно зафатено од пламените јазици, соопшти полицијата
ЖЕНЕВА (AA) – Најмалку шест лица загинаа, а неколку се повредени откако автобус што сообраќал на редовна линија во западна Швајцарија се запали, соопштија властите, додавајќи дека се истражува можноста пожарот да бил намерно подметнат, јавува Анадолу.
Полицијата на кантонот Фрибург во соопштение доцна синоќа наведе дека службите за итни случаи биле известени околу 18:25 часот по средноевропско време за пожар на автобус на улицата Муртенштрасе во градот Керцерс.
Автобусот ПостБас е дел од јавниот транспортен систем што го управува „Свис пост“ и ги поврзува градовите и руралните заедници низ Швајцарија.
Кога спасувачките екипи пристигнале на местото на настанот, возилото веќе било целосно зафатено од пламените јазици, соопшти полицијата.
Пожарникарите спровеле операција за спасување и гаснење на пожарот, додека властите воспоставиле безбедносен периметар околу местото на несреќата.
Во медицинската интервенција биле вклучени неколку амбулантни возила и спасувачки хеликоптер на РЕГА, со кој три повредени лица биле пренесени во болница.
Уште две лица биле згрижени на местото на настанот и не им била потребна хоспитализација.
Властите подоцна потврдиле дека на местото имало неколку загинати лица, но точниот број на жртви првично не бил соопштен.
Од „Свис пост“ денес информираа дека во пожарот загинале најмалку шест лица, а неколкумина се повредени.
Полицијата на кантонот соопшти дека постои можност пожарот да бил намерно подметнат, поради што јавниот обвинител на кантонот Фрибург отворил истрага.
Владата на кантонот изрази сочувство до семејствата и блиските на жртвите.
„Ова е страшна трагедија што се случи вчера во Керцерс“, изјави извршниот директор на ПостБас, Стефан Регли, додавајќи дека сите вработени во ПостБас и Свис пост се „шокирани и длабоко погодени“.
Полицијата на кантонот Фрибург најави прес-конференција во текот на денот на која ќе бидат објавени повеќе информации за инцидентот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
