Косово: Самоопределување победник на парламентарите избори
Конечните резултати се објавени откако се избројани гласовите на дијаспората, гласовите на гласачите со посебни потреби, како и по повторното пребројување на гласовите...

ПРИШТИНА (АА) - Според конечните резултати на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, движењето Самоопределување е победник на предвремените парламентарни избори на Косово кои се одржаа на 6 октомври, со освоени 26,159 отсто од гласовите и ќе има 32 од 120 пратеници во Собранието на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на ЦИК, Валдете Дака, на прес-конференцијата соопшти дека во гласачкиот список биле регистрирани 1.961.213 гласачи, додека своето право на глас го искористиле 826.937 гласачи. Таа изјави дека надвор од гласачките места гласале 50.169 гласачи, и дека вкупната излезност на гласачите била 44,42 отсто.
Конечните резултати се објавени откако се избројани гласовите на дијаспората, гласовите на гласачите со посебни потреби, како и по повторното пребројување на гласовите од 850 гласачки места за кои имало жалби.
Дака потоа, читајќи ги освоените гласови по политички субјекти, наведе дека Самоопределување во Собранието на Косово ќе има 32 пратеници, Демократскиот сојуз на Косово (LDK) - 29, Демократската партија на Косово (PDK) - 25, Коалицијата ААК-ПСД (AAK-PSD) - 14 пратенички места, додека Српската листа ќе ги има сите 10 пратенички места резервирани за српската заедница.
Другите 10 места им припаѓаат на Ромите, Ашкалите, Египќаните, Бошњаците и Турците.
„Движењето Самоопределување освои 220.811 гласови или 26,159 отсто, Косовскиот демократски сојуз освои 206.458 гласови или 24,458 отсто, Косовската демократска партија доби 178.845 гласови или 21,163 отсто, Коалицијата ААК-ПСД 96.883 гласови или 11,477 отсто, Српската листа има 57.015 гласови или 6.754 отсто. Коалицијата Нисма-АКР-ПД освои 42.072 гласови или 4,984 отсто, што значи дека не го премина изборниот праг од 5 отсто“, рече Дака.
Претседателот на Самоопределување, Албин Курти, освои најмногу гласови - 183.863, додека лидерката на листата на ЛДК, Вјоса Османи, беше втора со 176.198 освоени гласови.
Крајниот рок за поднесување жалби против конечните резултати е 24 часа. Лидерот на Нисме, Фатмир Лимај, веќе објави дека ќе поднесе жалба до Уставниот суд на Косово.
Првите два субјекти, Самоопределување и ЛДК, кои досега беа во опозиција, веќе се согласија да формираат владејачка коалиција и во тек е усогласување на заедничка програма, а според конечните резултати објавени денеска, тие веќе го имаат потребното мнозинство од 61 глас во косовското Собрание.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.