политика, Балкан

Конститутивната седница на косовското Собрание повторно прекината, веќе еден месец без успех за конституирање

Од 111 пратеници присутни во салата, само 55 гласа беа за формирање на комисијата за тајно гласање за претседател на Парламентот, еден беше против, а воздржани немаше

Agim Sulaj  | 15.05.2025 - Обновена : 16.05.2025
Конститутивната седница на косовското Собрание повторно прекината, веќе еден месец без успех за конституирање Фото: Erkin Keçi/АА

ПРИШТИНА (АА) – Косовското Собрание повторно не успеа да се конституира ни еден месец по првата конститутивна седница и во пресрет на состанокот свикан од претседателката на земјата Вјоса Османи, за политички консултации со цел надминување на политичката и институционалната криза, јавува Анадолу.

И овој пат, седницата започна со гласање за формирање „ад-хок“ Комисија за тајно гласање за функцијата претседател на Парламентот, но повеќето партии се спротивставија на нејзиното формирање со тоа што не предложија свој член (пратеник).

Од 111 пратеници присутни во салата, само 55 гласа беа за формирање на оваа комисија за тајно гласање за претседател на Парламентот, еден беше против, а воздржани немаше.

„Се гледаме на 17 мај во 10:30 часот“, рече претседавачот со седницата, Авни Дехари.

Од потребните минимум 61 глас, кандидатката на Движењето „Самоопределување“, Албулена Хаџиу, досега има освоено не повеќе од 57 гласови за претседателка на косовското Собрание, од кои 48 се од Движењето „Самоопределување“ и 9 од пратеници кои доаѓаат од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.

Средбата во Кабинетот на претседателката на Косово е најавена за денес во 13:00 часот, на која присуство најавија сите албански партии во косовското Собрание, иако изразија скептицизам во врска со изнаоѓањето решение.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.