Dzihat Aliju
16 Мај 2025•Ажурирај: 17 Мај 2025
ТИРАНА (АА) - Заврши 6. самит на Европската политичка заедница (EST) што се одржа во Тирана, главниот град на Албанија, известува Анадолу.
Албанскиот премиер Еди Рама и премиерка на Данска, Мете Фредериксен, каде што ќе се одржи следниот самит, одржаа заедничка прес-конференција на затворањето на самитот.
Рама рече дека имале многу продуктивен ден и дека организирале серија тркалезни маси на кои се дискутирало на различни теми.
Рама истакна дека во рамките на самитот се донесени некои важни заклучоци, кои ќе ги разработи следниот домаќин, Данска.
„Во меѓувреме, решивме да формираме Тим за координација на политичката заедница во рамките на Претседателството на Европскиот совет“, рече албанскиот премиер Рама.
Посочувајќи дека сите заедно претставуваат извонредна заедница од 600 милиони луѓе со огромен потенцијал, Рама нагласи дека во нивни раце е да сторат сѐ што е потребно за да го трансформираат овој потенцијал во позитивни резултати за луѓето и земјите што го делат истиот начин на размислување.
- „Повторното вооружување на Европа мора да биде наш приоритет број еден“
Премиерка на Данска Фредериксен ја истакна важноста на одржувањето на самитот во време кога Европа се соочува со различни предизвици и најави дека безбедноста ќе биде главната тема на 7-миот самит, кој ќе се одржи кон крајот на годината.
Зборувајќи дека Русија претставува закана за цела Европа, особено за Украина, Фредериксен продолжи со зборовите:
„Затоа, вооружувањето на Европа мора да биде наш приоритет број еден. Ако не сме подготвени да се браниме едни со други, како можеме да им помогнеме на другите?“
Премиерката Фредериксен ја нагласи важноста на конкурентноста на европските компании и изјави дека увозот на нафта, гас и јаглеводороди од Русија треба да се запре.
- Темелите на Европската политичка заедница беа поставени во 2022 година
На самитот присуствуваа шефовите на држави и влади на 27-те земји-членки на ЕУ, како и лидерите на земјите-кандидатки Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грузија, Молдавија, Украина и Турција, како и потенцијалниот кандидат Косово.
Турција ја претставуваше претседателот Реџеп Таип Ердоган, а на самитот присуствуваа и лидерите на Обединетото Кралство, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Азербејџан, Ерменија, Андора, Лихтенштајн, Монако и Сан Марино, земји од Европа кои не се членки на ЕУ.
Темелите на Европската политичка заедница беа поставени на Денот на Европа во 2022 година, на предлог на францускиот претседател Емануел Макрон.
Првиот самит на Европската политичка заедница се одржа во Чешка на 6 октомври 2022 година, вториот самит се одржа во Молдавија на 1 јуни 2023 година, третиот самит се одржа во Шпанија на 5 октомври 2023 година, четвртиот самит се одржа во Англија на 18 јули 2024 година, а петтиот самит се одржа во Унгарија на 7 ноември 2024 година.
Данска е домаќин на 7. издание на самитот, кој се одржува двапати годишно.