Oktaj Omeragikj
14 Мај 2025•Ажурирај: 15 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денес по разговорите со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави: „Визијата за проширување на ЕУ е попотребна денес од кога било претходно и очекуваме патот кон ЕУ конечно да се отвори за Косово“, известува Анадолу.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во рамките на посетата на земјите од Западен Балкан денес престојува во Косово, каде што го пречека претседателката Вјоса Османи.
По средбата Османи и Коста одржаа заедничка прес-конференција на која косовската претседателка порача дека очекува патот кон ЕУ да биде отворен за Косово.
Претседателот на ЕС, Коста, нагласи дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е најголема инвестиција на Унијата.
„За Косово и нашиот народ отсекогаш Европската Унија била единствен пат. Не една од опциите, туку прв, единствен пат. Да не го земаме тоа здраво за готово“, порача Османи.
Таа нагласи дека визијата за проширување на ЕУ, како стратегиски проект што ги зајакнува мирот, безбедноста и демократијата, денес е понеопходна од кога било бидејќи во предизвикувачки времиња потребата од смели чекори не е опција, туку потреба.
„Косово е подготвено да продолжи напред по патот на европска интеграција. Нашите институции стануваат посилни, а нашите граѓани се најпроевропски ориентирани во целиот регион“, истакна Османи.
Од тие причини Османи рече дека под водство на Коста, Косово очекува да постигне напредок во тој процес и додаде: „И дека патот кон Европската Унија конечно ќе се отвори за Косово.“
Таа ја повтори својата надеж дека земјите членки ќе дозволат укинување на мерките што неправедно му биле наметнати на Косово.
Зборувајќи дека е крајно време да се разгледа барањето на Косово за членство, Османи истакна: „Документот не треба да остане архивиран, туку да се третира со приоритет.“
- Коста: „Проширувањето е најголема инвестиција на ЕУ“
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, нагласи дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е најголема инвестиција на Унијата.
Коста рече дека не може доволно да истакне колку проширувањето е важно за ЕУ.
„Тоа е инвестиција во мирот и стабилноста“, нагласи Коста.