Земјите од регионот ја пречекаа Новата 2026 година
Илјадници граѓани се собраа на плоштадите низ поголемите градови за да и посакаат добредојде на Новата година
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) – Земјите од регионот ја пречекаа Новата 2026 година со пригодни настани проследени со музика, забава и огномет, јавува Анадолу.
Илјадници граѓани се собраа на плоштадите низ поголемите градови на Балканот за да ѝ посакаат добредојде на Новата година.
- Скопје -
Во празнична и свечена атмосфера, голем број жители на Скопје и туристи ја пречекаа Новата година на плоштадот „Македонија“, а новогодишни прослави се одржаа на плоштадите и во неколку други градови низ земјата,
Музичката програма започна во вечерните часови, а на сцената настапија познати домашни изведувачи кои со енергични хитови ја загреаја публиката. Плоштадот беше полн со семејства, млади кои со насмевки го одбројуваа времето до полноќ. Честитките, прегратките и желбите за здравје, мир и успех ја обележаа првата минута од Новата година.
Многу граѓани се собраа и на плоштадите низ главните градови на земјите од регионот, Приштина, Тирана, Сараево, Загреб и останатите.
- Приштина -
Плоштадите на косовскиот главен град, Приштина, почнувајќи од плоштадот „Скендербег“, потоа плоштадот „Мајка Тереза“ и плоштадот „Захир Пајазити“, веќе неколку дена се трансформираат во центри на прослави, каде што граѓани од различни возрасти ги следат музичките програми организирани од Општина Приштина, додека празничната атмосфера е проследена со желби за здравје, мир и благосостојба.
Прославите ќе продолжат до раните утрински часови, а надлежните ги повикаа граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат безбедносните правила при употреба на пиротехнички средства.
- Тирана -
Новогодишната ноќ во Албанија е одбележана со прослави, каде што беа организирани концерти и традиционален огномет.
Во Тирана и во други градови во земјата беа организирани разни настани. На плоштадот „Скендербег“, беа организирани традиционалниот огномет и концерт, под покровителство на Општина Тирана. Прослави беа организирани и во други градови во Албанија.
- Новогодишната ноќ во останатите престолнини низ Балканот -
Во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, граѓаните и туристите ја поминаа новогодишната ноќ во централниот дел на градот со домашни изведувачи, по преносот на големи екрани на новогодишниот концерт на Сараевската филхармонија што се одржа во Народниот театар.
Во Загреб, Хрватска централната прослава и оваа година традиционално се одржа на плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“ каде жителите уживаа во музичката програма по повод новогодишната ноќ.
Градските власти на Белград оваа година не организираа јавна новогодишна забава од безбедносни причини. Сепак, жителите на Белград и туристите имаа можност да уживаат во богата програма во рамките на комплексот „Белград на вода“.
Подгорица ја дочека 2026 година со спектакуларна програма на Плоштадот на независноста со богата музичка програма.
