Балкан

Земјите на Квинтата и ЕУ: Косово да им дозволи на Србите да гласаат на референдумот за уставни промени на Србија

„Ја повикуваме Владата на Косово да им дозволи на Србите во Косово да го остварат правото на гласање на изборите и изборните процеси во согласност со оваа воспоставена практика“

Zylfije Adem Jakupi  | 14.01.2022 - Обновена : 17.01.2022
Земјите на Квинтата и ЕУ: Косово да им дозволи на Србите да гласаат на референдумот за уставни промени на Србија

ПРИШТИНА (АА) - Земјите од Квинтата и Европската Унија упатија повик до Владата на Косово да им дозволи на Србите во Косово да го остварат правото на гласање на референдумот за уставни промени кој Србија го организира на 16 јануари, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во заедничкото соопштение на Франција, Германија, Италија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Европската Унија „со жалење се констатира дека косовската Влада не ѝ дозволила на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) да ги собира гласачките ливчиња на гласачите кои живеат во Косово на претстојниот референдум во согласност со досегашната практика“.

„Ја повикуваме Владата на Косово да им дозволи на Србите во Косово да го остварат правото на гласање на изборите и изборните процеси во согласност со оваа воспоставена практика“, се наведува во соопштението.

Исто така, се повикуваат Владата на Косово и Србија да се воздржат од акција и реторики кои креваат тензии и конструктивно да се вклучат во дијалог со посредство на ЕУ.

„Важно е и двете влади да постигнат напредок кон сеопфатниот договор кој ја отклучува европската перспектива и ја зголемува регионалната стабилност“, се истакнува.

Како што е наведено, Франција, Германија, Италија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Европската Унија го поздравуваат националниот референдум за уставните промени во Србија на 16 јануари како клучен чекор во зајакнување на независноста на правосудството и унапредување на транспарентноста и ефикасноста на институциите за владеење на правото во земјата.

„Веруваме дека овие реформи се чекор напред кон усогласување на Србија со стандардите на Европската Унија кои ќе го поддржат процесот на пристапување на Србија кон Европската Унија. Ги охрабруваме сите граѓани на Србија да учествуваат во референдумот и веруваме дека е важно граѓаните со право на глас да имаат можност да гласаат на избори и референдуми“, порачано е.

Да потсетиме, премиерот на Косово, Албин Курти, разговараше на телефон во средата со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, за можностите косовските Срби да гласаат на референдумот за уставни промени кој на 16 јануари ќе биде одржан во Србија.

Курти го извести Борел дека на Србите со двојно државјанство ќе им биде дозволено да гласаат само преку пошта или во Канцеларијата за врски на Белград во Приштина.

„Референдум на суверена територија на друга држава не е практика која ја прифаќа ниту една демократска држава“, напиша Курти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.