Димитров: „Процесот на преговори со ЕУ бара многу реформи и многу промени"
„Ќе треба да разбиеме низа предрасуди, да ги внесеме современите европски вредности во нашето секојдневие и нив да ги практикуваме. Не само на зборови туку и со дела", рече Димитров

СКОПЈЕ
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања Никола Димитров на денешната прес-конференција по повод мандатното писмо за мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања порача дека како вицепремиер за европски прашања ќе даде сѐ од себе за Северна Македонија да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото, со која сите ќе се гордеат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ова е нашата битка, ова е должноста на нашата генерација и за мене како човек кој целата кариера ја посвети на заокружување на двете клучни цели од македонското осамостојување - НАТО членството и европската интеграција, сега нема поголем предизвик од исполнување на второто“, рече Димитров истакнувајќи дека процесот на преговори бара многу реформи и многу промени, што се тешки и бараат не само знаење и вештини, туку и упорност.
„Ќе треба да разбиеме низа предрасуди, да ги внесеме современите европски вредности во нашето секојдневие и нив да ги практикуваме. Не само на зборови туку и со дела, со видливи резултати за секој граѓанин да препознае дека се менуваме, со понуда за иднина за секој млад човек“, потенцираше Димитров.
Објаснувајќи го процесот на пристапните преговори со Европската Унија, вицепремиерот Димитров се осврна на неколку клучни столбови како новата Методологија, ИПА 3 и Економско-инвестицискиот план: „Новата Методологија за преговори, новата генерација на претпристапна помош ИПА 3 и неодамна објавениот Економско-инвестициски план - 9 милијарди евра грантови за регионот - се шанса што мора да ја искористиме. Тие внесуваат поголема динамика и можност побрзо да се напредува ако навистина испорачуваме резултати", рече Димитров.
Во однос на одржувањето на Првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германското претседателство и предизвиците со соседна Бугарија во тој контекст, вицепремиерот Димитров рече дека не е тајна дека заедно со германското претседателство работат првата меѓувладина конференција да се случи во декември оваа година.
„Исто така не е тајна дека имаме предизвик со нашите комшии, со соседна Бугарија. Но, јас сум убеден дека сите земји членки се свесни, а особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор - или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл, оти евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде и пораз и за европската слика за Бугарија, ама пред сѐ за самата Европа и нејзините основни вредности. Ние се подготвуваме за успешното, победничкото сценарио“, истакна Димитров.
Тој објасни дека веднаш по првата меѓувладина конференција ќе се продолжи со скринингот (аналитичкиот преглед на европското право) и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.
„Доколку работите се движат според планираната динамика, би можеле да очекуваме до крајот на 2021 година да го отвориме и првиот кластер. Како Влада очекуваме дека со фокус и јасен приоритет и работа, ќе може во текот на нашиот мандат да отвориме близу 80% од поглавјата и да обезбедиме подлога за следната Влада да може успешно да ги затвори преговорите и да резултира со пристапен договор и полноправно членство во Европската Унија“, порача Димитров, повикувајќи на дијалог со опозицијата, граѓанското општество и приватниот сектор за остварување на оваа стратешка цел.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.