Балкан

Во Северна Македонија одбележан Денот на полицијата – 7 Мај

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска, по повод одбележувањето на Денот на македонската полиција, се обратија во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” во Скопје

Husamedin Gina  | 07.05.2021 - Обновена : 09.05.2021
Во Северна Македонија одбележан Денот на полицијата – 7 Мај Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај, истакна дека од работата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во голема мерка зависи и довербата на граѓаните во својата држава и во нејзините највисоки институции, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска, по повод одбележувањето на Денот на македонската полиција, се обратија во Полицискиот центар „Ѓорче Петров”.

Претседателот Пендаровски посочи дека ова е значаен ден затоа што станува збор за структура која има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на јавниот ред и мир, почитувањето на човековите слободи и права и заштитата на државната граница.

„Со само еден поглед врз овие исклучителни важни надлежности станува јасно дека од работата на Министерството за внатрешни работи во голема мерка зависи и довербата на граѓаните во својата држава и во нејзините највисоки институции“, нагласи претседателот Пендаровски на денешното обраќање.

Довербата на граѓаните во институциите, како што истакна Пендаровски, мора секојдневно да се потврдува, независно дали се работи за мали локални инциденти, за борбата против криминалот и корупцијата или за големите глобални проблеми како што е пандемијата на Ковид-19.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред присутните истакна дека денеска чест му е да се обрати како колега и сојузник на Денот на полицијата кој е симбол на пожртвуваност, одговорност, храброст, морал - карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва.

Истакнувајќи дека борбата за спречување на Ковид-19 била мотив да работат двојно повеќе, министерот Спасовски рече:

„Горд сум што и покрај несаканата ситуација со која се соочивме на глобално ниво, покажавме дека во ова Министерство работат професионалци кои неуморно ги извршуваат своите обврски, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот.“

Наведувајќи дека Министерството за внатрешни работи прерасна во институција која претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност, Спасовски рече дека полициските службеници веќе се препознаваат како прв пријател кој е најбаран во незгода или во тешка ситуација.

На свеченоста беа промовирани и новите униформи за Одделот за специјални полициски операции и за интервентната полиција.

На одбележувањето на Денот на полицијата присуствува и началникот на Генералштабот на Армијата, Васко Ѓурчиновски, претставници на Владата, амбасадори и полициски аташеа, раководството на Министерството за внатрешни работи, како и претставници на семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.