Северна Македонија и Унгарија ќе ја зајакнат безбедносната соработка
„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства...“
СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија и Унгарија ќе ја зајакнат безбедносната соработка, пренесува Анадолу.
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панче Тошковски, на покана на министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики.
Во рамки на посетата, министерот Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици.
Министерот Пинтер го истакна значајниот и конкретен придонес што Северна Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.
„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната импентација на системот „Безбеден град“ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики“, истакна министерот Тошковски.
Во делот на борбата против трговијата со дрога, презентирани се законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните наркомрежи и зајакнувањето на превенцијата.
- Потпишана декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници -
Во рамки на посетата потпишана е Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства.
Министерот Тошковски оствари и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, и со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора.
„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива“, потенцираше Тошковски.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
