Балкан

Во Северна Македонија е означен почетокот на изградбата на делниците од Коридорот 8

- Со проектот „Коридор 8“ се предвидува изградбата на автопатските делници Тетово - Гостивар; Гостивар - Букојчани; Требениште - Струга - Ќафасан.

Abdula Berisha  | 04.04.2023 - Обновена : 05.04.2023
Во Северна Македонија е означен почетокот на изградбата на делниците од Коридорот 8 Фото: Абдула Бериша / АА

ТЕТОВО (АА) - Во Северна Македонија денес е означен почетокот на изградбата на делниците од Коридорот 8 во западниот дел од земјата, со кој е предвидено автопатско поврзување со Албанија, јавува Анадолу.

Со проектот „Коридор 8“ се предвидува изградбата на автопатските делници Тетово - Гостивар; Гостивар - Букојчани; Требениште - Струга - Ќафасан.

Според потпишаниот договор минатиот месец, турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ освен делниците од Коридорот 8, ќе ја изгради и делницата од Коридорот 10-Д.

На церемонијата за означувањето на почетокот на изградбата, одржана во близина на Тетово, присуствуваше поширок владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, амбасадорката на САД во Скопје, Анџела П. Агелер, партиски лидери, претставници од локалната власт и други поканети.

Премиерот на Северна Македонија, Ковачевски, во својот говор ги истакна придобивките од изградбата на Коридорот 8, не само за земјата, туку и за соседните Албанија и Бугарија, додавајќи дека за прв пат Северна Македонија се поврзува кон запад и исток, освен досегашното поврзување север - југ.

„Коридорот 8 и Коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. Вакво нешто никогаш во историјата на нашата држава не било направено“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека со изградбата на автопатите, Северна Македонија ќе биде поврзана со уште две пристаништа: пристаништето во Драч, Албанија, и пристаништето во Бургас, Бугарија.

Амбасадорката на САД во Скопје, Агелер, нагласи дека ова е повеќе од една обична инвестиција во патиштата во земјата, истакнувајќи дека ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и иднината на сите земји поврзани со Коридорот 8.

Свој говор имаше и Шон Кени, претставникот на компанијата „Бехтел“, кој истакна дека со овој нов транспортен проект ќе се подобри поврзаноста во регионот и ќе се потпомогне развојот на економијата.

„Имаме долга историја за успешна изградба на висококвалитетни патишта на Балканот за да обезбедиме дека придобивките од новите патишта ќе се почувствуваат колку што е можно побрзо. Овој проект е со висок приоритет и ќе користиме локални снабдувачи во изградбата на патиштата, ќе се отворат нови локални работни места“, рече Кени.

Покрај премиерот Ковачевски, свое обраќање имаа и вицепремиерот Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, кои упатија честитки за почетокот на изградбата, посакувајќи градежните работи да завршат во предвидениот рок.

Исто така свои говори имаа и лидерите на политичките партии што се дел од власта, Али Ахмети од ДУИ и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.