Во Северна Македонија детектиран првиот случај на британскиот сој на коронавирус
„Станува збор за 46 годишен маж кој веќе е оздравен, односно во базата на податоци на Инстистутот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен", се вели во соопштението на Министерството за здравство
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека во земјава е детектирана мутација на британскиот сој на коронавирусот, што е прв детектиран случај на британскиот сој на овој вирус во земјава, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Министерството за здравство ја информира јавноста дека денеска при анализа на податоци од позитивни ковид пациенти во месец јануари, во приватна лабораторија за генетика и перосонализирана медицина на клиниката Жан Митрев, кај еден примерок е детектирана мутација на британскиот сој на вирусот СарсКов 2. Станува збор за 46 годишен маж кој веќе е оздравен, односно во базата на податоци на Инстистутот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен", се вели во соопштението.
Според информациите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест.
„Тестот е со позитивен резултат. По неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавува на преглед во приватната болница Жан Митрев каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен", информираат од Министерството за здравство.
Како што се наведува, во епидемиолошката анкета пациетот нема пријавено контакти ниту пак навел дека патувал надвор од државата.
„Лабараторијата во болницата Жан Митрев со посебна ПЦР метода е утврдено дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2", се додава во соопштението.
За потсетување, британските власти во изминатиот период соопштија дека зголемувањето на бројката на новозаразени и починати во оваа земја е поради појавата на една нов сој на коронавирусот која се шири за 70 проценти побрзо.
