
ОХРИД (АА) - Лидерите на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ пристигнаа во Охрид каде што утре ќе се одржи работниот дел од самитот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Владата на Северна Македонија кој е домаќин на овој самит.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на охридскиот аеродром беа пречекани од министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска - Стојчевска.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, беше пречекан од Методија Димовски, генерален секретар на Владата на Северна Македонија, додека претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, во Охрид пристигна во текот на вчерашниот ден.
Според агендата на самитот „Отворен Балкан“ утре ќе бидат потпишани договори и меморандуми за соработка во туризмот, културата и меѓу даночните управи на земјите од иницијативата, како договорот за соработка за земјите од иницијативата за взаемно признавање на дипломи и научни степени издадени од високообразовни институции и други овластени институции.
Иницијативата „Отворен Балкан“ моментално опфаќа економска и политичка област меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, која има за цел да ги поттикне можностите за трговија и размена за околу 12 милиони луѓе, како и да ја поттикне интеграцијата на трите земји во Унијата.
За првпат од постоењето на иницијативата, на нејзин самит учествуваат и лидерите од Црна Гора и Босна и Херцеговина.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.