Владата на Северна Македонија одржа свечена седница по повод Денот на албанската азбука
На седницата беа испратени пораки за важноста на овој ден и беше нагласено дека земјата е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат заедничката национална приказна
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија денес со свечена седница го одбележа 22 Ноември, Денот на албанската азбука, пренесува Анадолу.
На седницата беа испратени пораки за важноста на овој ден и беше нагласено дека земјата е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат заедничката национална приказна.
„Успехот е наш заеднички проект. Само ако сме обединети во почит, доверба и одговорност ќе можеме да постигнеме резултати, што ќе ја движат татковината напред“, изјави на седницата премиерот Христијан Мицкоски.
Тој упати честитки за Денот на албанската азбука, кој, како што истакна, носи силна историска и културна симболика.
„На Конгресот во 1908 година“, нагласи тој, „албанската интелигенција го направи крупниот чекор кон создавање на унифицирана азбука, темел на јазичната и културна кохезија на Албанците.“
„Тоа беше чин со длабоко европско значење, чин на модернизација образование и отвореност. Во периодот кога Балканот минуваше низ тешки предизвици Битолскиот конгрес покажа дека силата на едно општество произлегува од знаењето, јазикот и вербата во иднината“, нагласи тој и додаде:
„Овој ден е важен и за нашата држава. Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна. Албанската заедница со својата култура јазик, традиција и вредности е суштински дел од нашата држава“, нагласи тој.
„Денес кога го одбележуваме Денот на албанската азбука, оддаваме признание на генерации кои се бореле за образование, писменост и културен развој, но и на сите кои денес го продолжуваат тој пат“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека заедничката татковина се темели на идејата дека секој граѓанин има еднакво место, вредност и можности.
Мицкоски рече дека Владата останува посветена на политики кои градат меѓуетничка доверба, создаваат простор за достоинствен развој на јазиците и културите и ја зајакнуваат кохезијата меѓу сите граѓани.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
