Белград: Османи на средба со претседателот на Србија, Вучиќ
„Министерот Османи се заблагодари за донацијата на вакцини, кои Вучиќ во неделата ги врачи на премиерот Зоран Заев, а кои овозможија да започне вакцинацијата на граѓаните на Северна Македонија и како што тој рече, разбудија нова надеж.“

БЕЛГРАД
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, престојува во посета на Србија, во чии рамки го прими на средба претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На средбата Османи и Вучиќ разговарале за јакнење на добрососедските односи на двете земји, преку, меѓу останатото, решавање на сите прашања со дијалог, унапредување на економската соработка и меѓусебна поддршка на европски пат, се соопштува од Кабинетот на Вучиќ.
Вучиќ наведе конкретни проекти кои би придонеле за подобро поврзување и економска соработка на двете земји, како модернизација на железничката пруга до Скопје и јакнење на инфраструкурата на граничните премини.
Како што се наведува во соопштението,, Вучиќ изјави дека добрите односи меѓу Србија и Северна Македонија се од најголема важност за целиот регион. Тој го наведе „мини-Шенген“ како пример за успешна соработка, во корист на граѓаните и во корист на економскиот развој на земјите активно вклучени во таа иницијатива.
Вучиќ го издвои значењето на Меморандумот кој го потпишаа Србија, Северна Македонија и Албанија, а кој овозможува меѓусебна помош и соработка на нивните здравствени системи за лекување на болните од Ковид-19.
„Министерот Османи се заблагодари за донацијата на вакцини, кои Вучиќ во неделата ги врачи на премиерот Зоран Заев, а кои овозможија да започне вакцинацијата на граѓаните на Северна Македонија и како што тој рече, разбудија нова надеж“, се наведува во соопштението.
Вучуќ изјави дека Србија ги поддржува европските интеграции на Северна Македонија.
Разговарано е и за унапредување на позицијата на Србите во Северна Македонија, односно на Македонците и Србите.
Османи денеска ќе се состане и со неговиот колега од Србија, Никола Селаковиќ.