„Светот е спасен, барем на фудбалскиот терен"
Тивката „војна“ на Европската фудбалска асоцијација и најалчните клубови од Англија, Шпанија и Италија околу Супер лигата се води повеќе од пет години, што го открива и ексклузивниот разговор на Александар Чеферин, претседателот на УЕФА

Пишува: Бакир Тиро
САРАЕВО
Фудбалската Супер лига на богатите моќници од три европски земји е пропаднат проект.
Приказната не траеше повеќе од три дена, колку и фијаското на бесмисленото затворено натпреварување за избраните. Тивката „војна“ на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) и најбогатите, односно, најалчните клубови од Англија, Шпанија и Италија се води повеќе од пет години.
Тоа го открива и ексклузивниот разговор на Александар Чеферин, претседателот на УЕФА, за Агенција Анадолија (АА) од 1 септември 2016 година, во кој, помеѓу останатото, неколку дена пред официјално да ја презеде функцијата во Нион, рече:
„Никогаш нема да дозволам да се направи затворена Супер лига, бидејќи тоа е во спротивност со моите идеи и идеите на екипата која ме поддржува. Треба да разговараме со клубовите, да ги вклучиме можеби и во Извршниот одбор на УЕФА. Да се разговара, тие се важен дел од европскиот фудбал. Меѓутоа, УЕФА да дозволи затворена лига, не доаѓа предвид.“
- Компромиси, отстапки и постојани притисоци -
Чеферин ги оствари ветувањата. Вклучи претставник на (елитните) клубови во Извршниот одбор на УЕФА. Со години балансира помеѓу богатиот Запад и останатите европски клубови од 55 национални членки на континенталната организација. Поради тоа, притисокот додатно растеше. Ароганцијата на одреден број на најбогатите одеше до таа мерка што се спротивставија и што мораат да играат со клубовите од послабо рангираните земји, конкретно од „посиромашните“, и покрај тоа што би се избориле за настап во некое од европските натпреварувања. Не сакаа ниту нивните петопласирани или уште полошите од државните шампионати да играат „со нив“, ниту во претколата. Затоа квалификациите за УЕФА на Лигата на шампионите и Лигата на Европа се реорганизирани. На помалку моќните им е стеснуван патот, но никогаш не е затворен.
Според тоа, најголемиот дел од огромниот паричен фонд, логично, им припаѓаше на најдобрите и најмоќните. Меѓутоа, некои сакаа уште. И кога би добивале повеќе (секоја година УЕФА ги зголемува парите кои им ги дели на учесниците во своите натпреварувања), беа просто незаситни. Алчни. Безобразни. Директно така го нарушуваа и прецизно утврдениот принцип на солидарност на кој се базира светскиот и европскиот фудбалски поредок речиси целиот век.
Меѓутоа, УЕФА, но и Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), продолжија да прават компромиси, преведено и недвосмислено - отстапки на сите барања на „избраните“ од Англија, Италија и Шпанија.
Нереалната потрошувачка продолжи. Баснословните договори за играчите и добар дел на тренерите ги доведуваа (и) моќниците во сѐ потешка состојба.
„Робин Худ“ во вжештената претседателска фотелја на УЕФА имаше идеја и да се ограничат паричните примања во фудбалот. Предлогот на словенечкиот адвокат од Гросупље, недалеку од Љубљана, наиде на остра осуда од страна на богатите. И исмеана е, така, и никогаш не е спроведена. Всушност, моќните и тогаш го добија она што го бараа.
За жал на богатите сопственици на некои од клубовите, донекаде контролата на паричните текови во фудбалскиот бизнис се врши преку системот на финансиски фер-плеј. Но, и покрај тоа, најсилните имаа и имаат одврзани раце да уживаат во благодатите, неретко на сметка на оние малку послабите.
- Неуспех за три дена
На сите до еден. „Поголема сила“ стави крај на ова. Пандемијата од коронавирусот ги доведе во пат-позиција. Акумулираните долгови, во финансиска криза која го погоди и фудбалот, го доведоа во прашање дотогашниот начин на нивното неморално и арогантно работење. Во текот на целата мината година бараа (уште) повеќе од УЕФА. Гладни за пари, не сакајќи ниту тогаш да ги рационализираат договорите, перфидно и тајно, тргнаа во пат без враќање. Неуспех за три дена. И покрај тоа што УЕФА, повторно во нивна корист, оваа седмица повторно ги реорганизира европските клупски натпреварувања.
Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Челси, Арсенал, Јувентус, Интер и Милан - основачи на пропаднатата Супер лига, ќе останат запаметени како класични пучисти во светскиот фудбал. Благодарение на своите сопственици, од кои некои неретко и на раб или ја преминуваа црвената линија на законите, славните клубови наидоа на столбот на срамот и од сопствените навивачи.
Целиот свет, сите членки на ФИФА и УЕФА, владите на земјите беа единствени и со ефикасна и синхронизирана акција соодветно дејствуваа.
Светот е спасен, барем на фудбалскиот терен.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.