Анализа на вести

Проблематичната политичка историја на Франција кон Турција

Иако ерменското и курдското прашање се меѓу причините поради кои претседателот на Франција, Емануел Макрон, води политика против Турција, денес покрај овие две прашања вметнати се и други поглавја

Prof. Dr. Nail Alkan   | 08.09.2020
Проблематичната политичка историја на Франција кон Турција

ИСТАНБУЛ - НАИЛ АЛКАН -

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во последните денови ја зачести својата антитурска реторика. Сепак, може да се каже дека оваа напнатост продолжува долги години наназад во одредени интервали. Иако неодамна имаше несогласувања околу прашањата за Источен Медитеран и Либија, во позадината на целиот овој проблем лежи желбата за тоа Франција да биде водечка држава во меѓународните односи, особено во Европската Унија (ЕУ).

Турција и Франција денес имаат голем број несогласувања по многу прашања во врска со Источниот Медитеран и либиските политики. Но на правилен начин треба да се изанализира потеклото на оваа напнатост. Една од првите точки на тензичност што се појави меѓу двете земји беше ерменскиот проблем. Земањето за цел на турските дипломати од страна на Ерменската тајна армија за ослободување на Ерменија (АСАЛА) во 1980-тите и француското игнорирање на овие терористички акти во Франција од страна на оваа организација предизвикаа тензија меѓу Париз и Анкара. Покрај тоа, во овие напади животот го загубија голем број турски дипломати. Од почетокот на 2000-тите години досега, француската власт постојано излегува со тврдење за наводен ерменски геноцид, што одигра голема улога во отворањето пат за продолжување на тензиите меѓу двете земји. Франција, за околу 700.000 Ерменци, колку што се претпоставува дека живеат во Франција, во 2019 година го прогласи 24 април за „Ден во спомен на ерменскиот геноцид“. Француските власти не му придаваат значење на гласачкиот потенцијал од 500.000 свои државјани со потекло од Турција, давајќи им предност на 700.000 државјани од ерменско потекло. Тоа во исто време продолжува да е важен предмет во спорот меѓу Турција и Франција.

- Ставот на француските влади кон курдското прашање -

Историски гледано, друга точка на недоразбирање меѓу двете земји е курдското прашање. Франција предизвика влошување на односите меѓу двете земји, дозволувајќи ѝ на терористичката организација ПКК да делува во нејзината земја. Појавата на курдското прашање како тензија започна со давањето отворена поддршка на курдското движење во времето на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран (1981-1995). Денес Франција одржува состаноци со припадниците на ПЈД и ЈПГ, кои се ограноци на терористичката организација ПКК. Оваа ситуација се издвојува како друг проблем меѓу двете земји. Исто така, интересен е фактот дека Франција, која покажува интерес за курдското прашање во Турција, не спроведува никакви политики во врска со курдската заедница во Иран.

Турција има проблеми со Франција и околу членството во ЕУ. Во периодот 1995-2007, тогашниот претседател на Франција, Жан Ширак, колку и да ја поддржувал кандидатурата на Турција и започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, е единствениот француски претседател кој во период од 1959 до 2007 година не ја има посетено Турција. Во својата официјална посета на Ерменија во 2006 година, наводно, Ширак изјавил дека доколку Турција сака да стане членка на ЕУ, потребно е претходно да го признае геноцидот на Ерменците. Покрај тоа, тој во октомври 2004 година предложи при можно членство на Турција во ЕУ, одржување референдум во Франција. Како надополнување на ова, за време на претседателството на Шарл де Гол, Франција во периодот 1963-1967 го одби членството на Велика Британија во ЕУ, перцепирајќи ја како тројански коњ на САД, за години подоцна, во 2007 година, новоизбраниот француски претседател Никола Саркози да излезе пред јавноста со предрасуди по прашањето за членството на Турција во Унијата. Меѓу другото, Саркози не ја гледа Турција како европска, туку како мала азиска земја. Бидејќи Турција ја гледа како земја надвор од Европа, Саркози имаше истакнато дека францускиот народ нема да го поддржи членството на Турција во Европската Унија. Во овој историски процес Франција отворено го покажа својот став за односите Турција-ЕУ.

- Франција сака да биде водечка држава во меѓународните односи -

Иако ерменското и курдското прашање се меѓу причините поради кои претседателот на Франција, Емануел Макрон, води политика против Турција, денес покрај овие две прашања вметнати се и други поглавја. Од стапувањето на функцијата претседател во 2017 година, Макрон има за цел да ја доведе Франција во позиција да биде градител на играта во меѓународните односи. Освен тоа, тој во ноември 2019 година изјави дека НАТО има доживеано мозочна смрт, истакнувајќи дека постои недостаток на координација меѓу САД и НАТО-сојузниците. Во ноември 2018 година Макрон предложи формирање војска на Европската Унија, на некој начин откажувајќи се од НАТО, при што Франција побара формирање меѓународна војска во која таа ќе биде застапена како активна сила. Ова може да се оцени како желба на Макрон, Франција да стане водечка земја во меѓународните односи.

Францускиот претседател смета дека во Германија сè уште нема адекватен лидер како замена за германската канцеларка Меркел, која ќе ја напушти функцијата во 2021 година, при што на меѓународната сцена ќе се создаде недостаток на моќта. Макрон сака да го искористи овој празен простор, имајќи за цел да ја направи Франција лидер и доминантна земја, особено во рамките на ЕУ. Макрон посакува во новиот период на ЕУ да ја преземе лидерската улога, која во моментов ја имаат Германија и канцеларката Ангела Меркел. Поради тоа спроведува активна политика, сакајќи да покаже дека се грижи за интересите на ЕУ.

За да може една земја да биде на водечка позиција, потребно е таа да биде одлучувачки фактор во настаните што се случуваат во нејзината сфера на влијание. Во овој контекст, интересите на Франција и Турција се спротивставени. Причините за тензиите во Источниот Медитеран тука излегуваат на виделина. Франција, која сака да биде лидер во ЕУ, застанува покрај администрацијата на кипарските Грци и Грција кои се членки на ЕУ, спротивставувајќи се на активностите што Турција ги спроведува во Источниот Медитеран. Тврдејќи дека се засегнати интересите на ЕУ, Макрон бара спроведување санкции кон Турција. Германија, која во моментов претседава со ЕУ, презеде иницијатива за посредништво меѓу Турција и Грција во изнаоѓање решение за настанатата криза. Оваа задача за медијација беше критикувана, особено од страна на Франција, и Германија, за жал, беше принудена да ја прекине. Може да се забележи дека земјите членки на ЕУ, првенствено Франција, не спроведуваат објективна надворешна политика и сакаат Турција да ја отстранат од регионот. Во тие рамки, потребно е вниманието да се сврти на уште еден факт. Последните денови, инволвирањето на трети земји во турско-грчкиот спор го прави невозможно решавањето на проблемот.

- Конфликт на влијание во регионот на Магреб -

Како друга област на спор меѓу двете земји се издвојува либиското прашање. Франција, која има историска врска со регионот на Магреб (Алжир, Сеута, Либија, Мавританија, Мелиља, Мароко, Тунис, Западна Сахара), сака да го задржи своето присуство во тоа подрачје. Од друга страна, Турција, со зголемувањето на своите активности во Источниот Медитеран и со нејзиното инволвирање околу недоразбирањата во Либија предизвика тензии меѓу двете земји. Франција ја доживува активната улога на Турција во овој регион како да е во нејзината сфера на влијание. Сето тоа нè носи до Макрон, кој води политика против Турција, и вметнувајќи ја ЕУ во целата работа сака воведување санкции кон Турција.

Иако Франција сака да покаже дека се грижи за интересите на ЕУ околу проблемите во Источниот Медитеран и за либиското прашање, Макрон повеќе се грижи за интересите на Франција, отколку на ЕУ, ​​и поради тоа продолжува да ја користи ЕУ како алатка.

Како што може да се забележи дека на кус и среден рок ниту Турција нема да се откаже од своите регионални интереси, ниту пак, Франција има намера да се откаже од овие политики, не би било погрешно да се предвиди дека е можно во редовни интервали зголемување на тензиите меѓу двете земји.

[Проф. д-р М. Наил Алкан, член на Катедрата на Универзитетот „Хаџи Бајрам Вели“, кој своите истражувања на полето на Европската Унија ги продолжува во Центарот за кризни и политички студии во Анкара (ANKASAM)]


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.