Анализа на вести

АНАЛИЗА ‒ Кој е планот на САД за Кипар?

Големата промена на надворешната политика на САД во врска со кипарското прашање започнува со одобрување на Актот за источномедитеранско безбедносно и енергетско партнерство од страна на американскиот Конгрес

Aylin Ünver Noi  | 29.09.2022 - Обновена : 04.10.2022
АНАЛИЗА ‒ Кој е планот на САД за Кипар?

Пишува: Ајлин Унвер Нои

‒ Авторката е вонредна професорка на Катедрата за политички науки и меѓународни односи при Универзитетот „Халич“.

ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Прашањето за Кипар е опишано како „замрзнат конфликт“, бидејќи нема жртви од 1996 година. Имаше неколку преговори со посредништво на Обединетите нации (ОН) за решавање на прашањето преку федерализам, но не резултираа со успех. Кипарските Грци најмалку двапати отворено го отфрлија решението за федерација за Кипар: првиот пат на референдумот за планот на Анан во 2004 година, и вториот пат со напуштањето на преговорите на Самитот во Кранс-Монтана во 2017 година, уште на првиот ден. Турската Влада, која гледа како бледнее решавањето на кипарското прашање преку федерализмот поради одбивањето на кипарските Грците на секакво решение кое го вклучува федерализмот, го промени својот став и понуди решение преку постоење на две држави на островот. Иако, САД немаа никаква улога во решавањето на прашањето, сега наведуваат дека ја заземаат страната на Администрацијата на кипарските Грци и се противат на дводржавното решение предложено од Турската Република на Северен Кипар и од Туркије.

‒ Промена на политиката на САД ‒

Всушност, големата промена на надворешната политика на САД во врска со кипарското прашање започнува со одобрување на Актот за источномедитеранско безбедносно и енергетско партнерство од страна на американскиот Конгрес. Со тоа се отстрани американското ембарго за оружје на Администрацијата на кипарските Грци и се овозможи воена помош. Неодамна, американската администрација соопшти дека САД го тргнале ембаргото за трговија со оружје на Администрацијата на кипарските Грци за фискалната 2023 година, со тоа ставајќи крај на 30-годишното ембарго.

„Одлуката на САД за кревање на ембаргото за оружје за Администрацијата на кипарските Грци ќе ги охрабри, што може да доведе до ескалација во регионот“, рече претседателот на Турската Република Северен Кипар, Ерсин Татар [1]. Овој потег на САД може дополнително да ги забрза напорите за вооружување на кипарските Грци и провокативната позиција на островот. Што е уште поважно, ова не оди во прилог на напорите за постигнување мировен договор за Кипар, и ѝ штети на регионалната стабилност поради нејзиниот потенцијал да го претвори овој замрзнат конфликт во реален. Тоа може да предизвика дополнително интензивирање на тензиите помеѓу Анкара и Атина.

Туркије и Грција имаат несогласувања од разграничување на територијалните води, континенталниот гребен, ексклузивната економска зона, воздушниот простор, статусот на помалите острови, демилитаризирачкиот статус на некои острови, па сѐ до кипарското прашање. Во обид за „обликување“ на Егејот и Источниот Медитеран во согласност со сопствените тези, Грција потпиша билатерални и мултилатерални договори со неколку земји, меѓу кои и со САД. Главниот мотив на Грција за потпишување на овие билатерални договори во полето на одбраната и енергетиката се проблемите што ги покрена во однос на Туркије во последните години. Влошените односи кои Туркије ги имаше со одредени земји од Источниот Медитеран од минатото, пред актуелното нивно нормализирање, и оддалечувањето на САД и Туркије создадоа клима за Грција и кипарските Грци да ги развијат нивните односи со земјите кои имаат несогласувања со Туркије.

‒ Причините зад одлуката на САД за кревање на ембаргото за оружје ‒

Со цел да се сфати причината поради која САД ја донесоа одлуката за кревање на ембаргото за оружје за Администрацијата на кипарските Грци, добро е да се оцени промената на надворешната политика на САД кон Грција и Администрацијата на кипарските Грци од 2018 година. Процесот за постигнување договор што ќе го разреши спорот за името помеѓу Грција и Македонија со цел отворање на патот за членство на Македонија во НАТО, потоа, тензиите што избија во 2018 година поради тврдењата дека руски дипломати се обиделе да ги подмитат грчките претставници за растурање на договорот, одиграа улога за забрзување на унапредувањето на односите помеѓу САД и Грција. Грција беше позиционирана како важен и „доверлив сојузник“ на политиката на САД против растечкото руско влијание во Сирија, Либија, Балканот и Украина, како и на Медитеранот и Црното Море.

Политиката на САД во Источниот Медитеран е откриена со одобрувањето на Актот за источномедитеранско безбедносно и енергетско партнерство од страна на американскиот Конгрес во 2019 година. Овој Акт, кој го поддржува сојузот помеѓу САД, Грција, Израел и Администрацијата на кипарските Грци, ја исклучува Туркије со игнорирање на нејзините права за јаглеводородните ресури ‒ земја која има најдолго крајбрежје во Источниот Медитеран. Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео, поранешниот американски амбасадор во Грција, Џефри Пјат и претседавачот со Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат, сенаторот Боб Менендез, одиграа значајни улоги во унапредувањето на грчко-американските односи и во поддржувањето на грчките тврдења околу Источниот Медитеран, што предизвика загриженост кај Анкара.

Обновувањето на Договорот за одбранбена соработка потпишан помеѓу САД и Грција во 1990 година за уште пет години и проширувањето на неговиот опсег овозможувајќи им на САД распоредување повеќе војници во грчките бази, вклучувајќи ја и базата „Александропули“ и базата „Суда“ на Крит, на 45 километри од турската граница, потоа, пристапот до грчките воени бази и зголемената територија за воени вежби на американските сили, отворија прашања во Туркије за тоа против кого е оваа соработка во одбраната. Тензиите помеѓу Грција и Туркије понатаму ескалираа поради военото распоредување на Грција и воените вежби на островите во близина на брегот на Туркије. Друг иритантен фактор за Анкара што Грција го користи за провоцирање на Туркије е зголеменото американско воено присуство во регионот и вооружувањето на грчките острови, кои треба да останат демилитаризирани согласно со Договорот од Лозана од 1923 година и Парискиот договор од 1947 година.

‒ САД треба да се вратат на нивната балансирана политика помеѓу двете страни ‒

Не е тајна дека САД низ историјата имаа наклонетост и идеолошко влијание на Грчката револуција за независност од Османлиската Империја. Американската администрација никогаш не го потпиша Мировниот договор од Лозана во 1923 година, кој го замени Договорот од Севр, со кој беше зацртано Грција да го добие преостанатиот дел од Османлиската Империја окупиран од силите на Антантата ‒ Измир и Западна Анадолија. Грција никогаш не го напушти својот сон за Еносис и Мегали. Неодамнешното зближување и соработка помеѓу САД и Грција, и промената на надворешната политика на САД во однос на Грција и Туркије ги покренаа прашањата околу тоа каков е планот на САД за регионот. Уште поважно е тоа што не е возможно да се најде смислата во оддалечувањето на САД од Туркије, па дури и да го преземе ризикот за ослабнување на јужното крило на НАТО преку придонесување за потенцијален конфликт меѓу две земји од регионот, сојузнички во НАТО. Геополитичката важност на Туркије и нејзината улога на олеснувач во проблемите на глобално ниво, како обезбеденоста со храна, нужно изискува од САД да се вратат кон водењето балансирана политика кон двете страни на островот, наместо да предизвикуваат ново бојно поле.

[1] https://www.aa.com.tr/en/europe/-us-decision-to-lift-arms-embargo-will-embolden-greek-cypriot-administration-lead-to-escalation-/2687570

* [Мислењата изразени во овој текст се на авторките и нужно не ја рефлектираат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА)]

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.