Анализа на вести

АНАЛИЗА - Дали Европската политичка заедница може да биде одговор на европските проблеми?

Европската политичка заедница во моментов е придружена главно со прашања наместо со одговори. Дали тоа ќе биде замена за членството во ЕУ или прв чекор кон тоа? Дали е наменета да ги вклучи земјите кандидати како Албанија и Северна Македонија...

Dimitris Tsarouhas   | 18.05.2022
АНАЛИЗА - Дали Европската политичка заедница може да биде одговор на европските проблеми?

Пишува: Проф. доц. Димитрис Царухас

- Авторот е вонреден професор на Одделот за меѓународни односи на Универзитетот „Билкент“ и експерт за европска политика.

ИСТАНБУЛ (АА) - На почетокот на мај 2022 година, францускиот претседател Емануел Макрон предложи создавање на Европска политичка заедница (ЕПЗ) која ќе ги вклучи земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и земјите кандидати, како што се Украина, Грузија и Молдавија. Сите три држави станаа земји кандидати по руската инвазија на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Предлогот, исто така ја вклучува Велика Британија, сугерирајќи дека повлекувањето од ЕУ не е пречка за блиска соработка во контекст на предложената ЕПЗ. Од енергетика до животна средина и од безбедносна до транспортна политика, ЕПЗ може да биде, според Макрон, практичен одговор на повеќекратните предизвици со кои се соочува Европа. Германија претпазливо го поздрави предлогот и извесно е дека за ЕПЗ дополнително ќе се разговара меѓу двете влади и пошироко. Меѓутоа, дали таквата заедница е реална? Плус, какви би биле последиците од нејзино формирање?

- Зошто Франција го даде предлогот?

Руската инвазија на Украина ја промени безбедносната агенда на ЕУ и ја натера да биде во првите редови на дебатата за прикриените прашања. Западната ориентација на Украина повеќе не е прашање на прикриена дипломатија, туку на изразена желба на влада која ужива невидена поддршка од опколеното население. Институциите на ЕУ во овој момент не можеа да го одбијат барањето за членство на Киев, а Париз е свесен за тоа.

Од друга страна, Франција и некои други земји членки на ЕУ, како што е Холандија, беа, и остануваат неволни да дозволат продолжување на проширувањето. Тие тврдат дека 27-члената Унија е веќе нефункционална, а натамошното проширување само ќе ги забави институциите и ќе ја намали додадената вредност на Унијата во очите на граѓаните. Поради оваа причина, Франција предложи нова методологија за проширување и, заедно со Холандија, претходно ги блокира пристапните преговори на Албанија и Северна Македонија. Покрај тоа, на Макрон наскоро му претстојат парламентарни избори: резултатите од претседателските избори и силното претставување на Марин Ле Пен укажуваат дека евроскептицизмот останува популарен во Франција. Предлогот на Макрон имплицира дека на ЕУ ѝ требаат повеќе внатрешни реформи пред натамошното проширување, долгогодишен аргумент изразен од Париз во минатото.

- Дали ЕПЗ ќе се оствари?

За ова постои двоумење, бидејќи два слични предлози пропаднаа претходно. Европска политичка заедница за првпат беше предложена среде Студената војна, со цел да се создаде обединета Европа од првичните шест членки на Унијата и инспирирана од федералистичкиот премиер на Италија, Алсиде де Гаспери. Не успеа веднаш откако француското Собрание го порази предлогот за формирање на Европска одбранбена заедница во 1954 година и никогаш повеќе не беше дискутирано.

Во 1989 година, францускиот претседател Франсоа Митеран се обиде да создаде моментум околу идејата за европска конфедерација. Никогаш не беше постигнат напредок, бидејќи Германија се фокусира на повторно обединување и европска интеграција, а источноевропските држави, исто како Украина, Грузија и Молдавија денес, се концентрираа на големата награда за членство во ЕУ.

Иако е точно дека руската војна во Украина го испари чувството на сигурност што Европа го доживеа по крајот на Студената војна, Европската политичка заедница во моментов е придружена главно со прашања наместо со одговори. Дали тоа ќе биде замена за членството во ЕУ или може да се смета како прв чекор кон тоа? Дали е наменета да ги вклучи земјите кандидати како Албанија или Северна Македонија, или е наменета за поновите апликанти чија безбедност е видливо загрозена од Москва? Дали тоа ќе бара формирање на други институции или ќе биде ограничено на состаноци на ниво на самити меѓу лидерите за координирање на политиката?

- ЕПЗ не треба да биде алтернатива на ЕУ -

Одговорите на горенаведените прашања ќе ја одредат и изводливоста и досегот на предложената заедница. ЕУ не може да се извлече од проблемот со едногласноста во надворешната и безбедносната политика, што го поткопува нејзиниот глас во светот и способноста да дејствува брзо кога и да се појават кризи, освен ако не го промени својот договор. Ако предложената заедница се замисли како флексибилен европски одговор кој ги вклучува, но оди подалеку од земјите членки, тоа би можело да биде политички значаен чекор, максимизирање на колективната тежина на Европа и здружување на членките на ЕУ и оние кои не се членки.

Сепак, раните реакции сугерираат дека ова е прилично оптимистичка проценка. Украина веќе го сигнализира своето незадоволство од предлогот, гледајќи го како обид да се одложи нејзиниот пристап во ЕУ. Откако ќе се претстави нејзината конкретна структура, таквата заедница може да биде корисна само доколку дејствува како форум на високо ниво за координација на политиките за членките и институциите на ЕУ со другите европски држави заинтересирани за заедничко дејствување и практични решенија за наднационалните предизвици. Не може и не треба да се дизајнира како алтернатива за членството во ЕУ, бидејќи тоа би ја поткопало Унијата во очите на оние кои се стремат да ѝ се приклучат и ќе зададе тежок удар на ингеренциите за „мека моќ“ што Брисел долго време се обидуваше да ги негува и охрабри.

* [Мислењата изнесени во овој текст припаѓаат исклучиво на авторот и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија]

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.